Македонската асоцијација за човечки ресурси - МАЧР, вчера го организираше првото HR кафе за 2019 година. Во релаксирана атмосфера во ресторанот во МКЦ сите присутни имаа можност и чест да ги слушнат HR менаџерите коишто во изминативе 5 години беа одликувани со наградата “HR менаџер на годината“ и признанија за посебни заслуги во HR професијата, коишто ги доделува МАЧР.
Гости-говорници на овој настан беа:
Магдалена Славејкова – HR менаџер во Цементарница Усје, добитник на наградата „HR менаџер на годината“ за 2014 година,
Стефан Јовановски, HR директор во one.Vip, добитник на наградата „HR менаџер на годината“ за 2016 година,
Елизабета Мирчевска, Регионален директор за човечки ресурси во Атлантик Груп, добитник на наградата „HR менаџер на годината“ за 2017 година
Вистинско задоволство беше да се слушнат предизвиците со кои се соочиле овие врвни професионалци и патрони на HR професијата во Македонија. Ги споделија нивните искуства во соочувањето со промените во нивните организации, имавме можност да ги слушнеме и нивните иновативни HR практики за мотивација на вработените, влијанието и имплементацијата на дигитализацијата и вештачката интелигенција и уште многу интересни моменти од нивното долгогодишно успешно работење.
Посебно интересна за нас и за сите присутни беше темата за предиктивните анализи во менаџирањето со човечките ресурси, како начин да се предвиди одливот на вработени од една организација, како и важноста на Employer branding-от во денешните динамични услови на пазарот на трудот.
На настанот беа присутни 130 гости, професионалци во областа на менаџментот со човечки ресурси, што е голем мотив за што почесто да се организираат вакви дискусии и настани и да се споделуваат искуства од професијата.
На голема радост на сите присутни, а и на сите HR професионалци, тема на вчерашниот настан беше и овогодинешната традиционална HR конференција, која ќе се одржи на 20 мај. Говорниците одржаа поттикнувачка дискусија на темата „HR како поттикнувач на трансформативни промени’’, што ќе биде и тема на самата конференција.
Модератор на настанот беше Ивана Дојчиновска Стојановиќ – HR менаџер во НЛБ Банка, и носител на посебно признание за особени достигнувања во HR професијата за 2014 година.
Овој настан е отворен и бесплатен, организиран од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси во соработка со нивните партнери и членови, наменет за дружење, ширење на мрежата на контакти, размена и споделување на искуства.
Се гледаме на следното #HRкафе!