Општина Центар Скопје од денеска започнува со спроведување на акцијата “Цел Центар на точак”. Со ова ја покажуваме грижата за поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж.
Општината ќе субвенционира 30% од цената на купување на нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари.
Секој полнотелен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед започнувајќи од втори мај, потребно е да ги достави следните документи: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар-Скопје, барака број 6, почнувајќи од втори мај. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Правото на субвенција е еднократно, а акцијата ќе трае до исцрпување на предвидените средства во буџетот на општината.