Важи за една од најпрестижните професии во угостителството, а денес побарувачката за неа е се поголема. Да се биде сомелиер значи да се биде вистински експерт за вино и се што е поврзано со вино: од набавка на вино, преку спарување на виното со најразличните јадења па се до неговото послужување.
Професијата “сомелиер“ за прв пат се појавила со кралскиот декрет издаден од страна на Филип V во 1318 година, заменувајќи го “носачот на чаши“ кој дотогаш бил задолжен за служење пијалоци на царот или принцот.
Во денешно време, она што е главниот готвач во светот на храната, тоа е сомелиерот во светот на виното. Да се биде професионален сомелиер, пред се, претставува задоволство, но и вистински предизвик бидејќи станува збор за одговорна професија со која може да се занимаваат само оние кои имаат вистинска љубов кон виното и се што е поврзано со него.
Зошто сомелиерот е неизбежен дел од секој ресторан?
Еден ресторан може да ги има сите главни елементи за успешен бизнис, како што се впрочем: вкусна храна, добра локација и имиџ. Меѓутоа, една состојка недостастува за тој успех да стане реалност, а тоа е сомелиерот. Доколку се прашувате зошто на еден ресторан му е потребно баш сомелиер, одговорот е навистина едноставен.
Кога имате некој што дејствува како авторитетна личност, луѓето ќе го слушаат. Сомелиерот поминува низ интензивен тренинг и гостите му веруваат. Не само што тој ќе успее да ја подигне перцепцијата за ресторанот, туку и ќе влијае на тоа дел од потрошувачите да се свртат кон консумација на висококвалитетно вино – а тоа е многу лесно кога предлогот доаѓа од специјалист на кој тие му веруваат. Понатаму, сомелиерот може без проблем да ја разгледа тековната понуда на вино што ја нуди ресторанот и да ја подобри истата со она што недостасува со цел да се постигне највисоко ниво на сатисфакција кај потрошувачите.
Сомелиер е многу повеќе од само професија
Природата на самата професија им овозможува на луѓето кои се занимаваат со неа да ги прошират своите хоризонти и да стекнат корисни знаења и вештини поврзани со виното, но и надвор од тоа. Во продолжение ви претставуваме четири клучни вештини кои ќе ги стекнете како сомелиер:
Супериорни комуникациски способности
Комуникациските способности важат за една од вештините кои се потребни во секоја професија, а сомелиерот се стекнува со способност ефикасно да комуницира со целиот персонал и гостите на ресторанот. Вистинскиот сомелиер не само што треба да биде способен да го опише вкусот на виното, туку тој, исто така, мора да биде способен да разбере што точно сака клиентот преку поставување на вистинските прашања.
Напредно познавање на храната
Ако сте вљубени во храната, ова е идеалната професија за вас бидејќи познавањето на храната е интегрална особина на секој сомелиер. Како сомелиер, вие ќе ги научите различните специјалитети по кои се познати земјите ширум светот со цел да сугерирате како тие може да се комбинираат со виното.
Отвореност кон нови знаења
Во текот на својата обука и работа, сомелиерот се стекнува со една добра навика на постојано учење и за многу кратко време тој ќе знае како функционира целиот угостителски објект, а знаењата од областа на набавките и финансиите се нешто што навистина ќе ви се најде во текот на вашата кариера.
Разбирање на техниките на производство
Техничките знаења, почнувајќи од тоа како различните почви влијаат на крајниот производ па се до тоа како различните сорти на грозје се комбинираат, се уште едно нешто што ќе ви биде познато доколку работите како сомелиер.
Сомелиерот зафаќа централно место во кој било ресторан. Бидејќи располагаат со големо знаење за виното, тие имаат авторитет да им помогнат на гостите во изборот на вистинското вино. Добриот сомелиер значително ќе ја зголеми добивката на ресторанот, па токму затоа рестораните се повеќе инвестираат во нив.
Винарската визба Попова Кула има потреба од Келнер/Шанкер кој ќе добие одлични услови за работа, обезбедено сместување во Демир Капија и обука за вински сомелиер