Размислувате да започнете сопствен бизнис? Пред да го направите првиот чекор, потребно е да знаете дека треба целосно да и се посветите на идејата за да може за оживее. Тоа вклучува големи ризици, вклучувајќи и напуштање на работата на која дотогаш сте работеле. Ричард Бренсон дава совети кога е најдобриот момент за да го направите тоа.
Речиси секој човек поседува претприемачки дух, а со тоа и потенцијал да започне сопствен бизнис, но претприемачкиот живот не е за секого. Многумина наместо тоа, се одлучуваат да ги покажат своите таленти во некоја голема компанија работејќи за друг. За другите, опцијата да се работи за друг не постои, па затоа многу рано донесуваат одлука за сопствен потфат.
Ричард Бренсон смета дека ако сте силно уверени во потенцијалот на вашиот потфат, порано или подоцна ќе треба да се посветите целосно на тоа. Ако не го сторите тоа, остатокот од вашиот живот ќе го поминете прашувајќи се дали таа идеја би можела да успее.
Вистината е дека големите претприемачи мораат силно да веруваат во некои моменти. Иако ризикот понекогаш може да биде застрашувачки, клучот е во тоа што секогаш имате падобран, вели Бренсон.
Првиот чекор во оваа транзиција е добро да го испланирате својот бизнис. Треба да мислите на се, од цокацијата каде што ќе ја отворите вашата канцеларија до тоа како сакате вашиот производ да изгледа на рафтовите во продавница. Обидете се да ги предвидите сите можни пречки, но внимавајте на времето, бидејќи ако чекате премногу долго, околностите може да се променат – пазарот се менува многу брзо!
За да бидете сигурни дека вашиот план е успешен, треба да се поврзете со некои големи ментори и силни луѓе во вашата индустрија. Од непроценлива вредност е кога имате некој кој ќе ги оцени вашите идеи. Тоа ќе ви помогне да ја направите транзицијата од “бизнисмен со скратено работно време“ во “претприемач на полно работно време“. Вашите ментори ќе бидат и луѓето на кои може да им се обратите за совет кога работите нема да одат според планот. Бидете сигурни никогаш нема да оди се по планот, но токму тоа е забавниот дел. Одлуките ќе бидат тешки, но со силна поддршка од вистинските луѓе кои имаат искуство и знаење, ќе донесувате посигурни и подобри одлуки.
На почетокот вашиот бизнис нема да може да генерира приходи, но затоа може да обезбедите финансиска помош од инвеститори и партнери. Без разлика на видот на работата, секогаш размислувајте за потенцијалните последици и направете се што е во ваша мож за да ги минимизирате можностите за грешки. Смислувањето на резервен план е секогаш добра опција.
Додека го планирате сето тоа, запомнете дека прозорецот на можности полека се затвора – во одреден момент ќе мора да донесете одлука. Кога ќе стигнете до тоа, единственото нешто што треба да го направите е да ја напуштите претходната работа и да станете сам свој шеф.
Бидете храбри. Верувајте во себе, вашиот тим и вашата идеја!