Изреката дека “луѓето не напуштаат работни места, туку ги напуштаат лошите менаџери“ е повеќе од точна. Една анкета спроведена од Галуп на 7.272 возрасни испитаници од САД откри дека во одреден момент од својата кариера, секој втор човек ја напуштил работата поради својот менаџер.
Резултатите го отвораат прашањето: Како менаџерите можат најефикасно да ги мотивираат своите вработени? Клучот, секако, е во тоа тие да се стремат да бидат нешто повеќе од “типичен шеф“, да станат лидери.
Дали сите шефови се лидери?
Постои голема разлика помеѓу тоа да се биде шеф и лидер. Првиот раководи со своите вработени, а другиот ги инспирира да иновираат, размислуваат креативно и да се стремат кон совршенство. Денес секој тим има шеф, но она што им е потребно на луѓето е лидер. Одтаму менаџерите треба да ја разберат разликата и да се стремат кон тоа да станат лидери.
Шеф vs. Лидер: 10 разлики по кои се разликуваат еден од друг
Шефот дава одговори, а лидерот бара решенија
Да се биде лидер значи да се биде коуч на сопствените вработени. Лидерот секогаш ќе му помогне на работникот да расте со тоа што ќе го води и ќе му помага да се справи со сите предизвици. Ова е начинот на кој вработените можат да развијат способности за решавање на проблеми и други вештини кои додаваат вредност на компанијата.
Шефот раководи со работата, лидерот ги води луѓето
Управувањето се состои од управување на група луѓе и активности за да се постигне целта. Лидерството е нешто сосема друго. Тоа е способност на поединецот да влијае, да ги мотивира и да им овозможи на другите да придонесат кон организацискиот успех. Влијанието и инспирацијата ги одделуваат лидерите од менаџерите, а не моќта и контролата.
Шефот очекува големи резултати, а лидерот е дарежлив со комплименти
Комплименти, благодарност и конструктивна критика (кога е соодветна) е главните одлики на секој лидер. Вработените не се мотивираат само со пари. Пофалбата и знаците на благодарност можат да помогнат во бустирање на моралот и ангажманот, што пак води кон постигнување на подобри резултати.
Шефот ја мери вредноста, а лидерот додава вредност
Лидерот се фокусира на создавање вредност преку сопствениот пример. Шефот се фокусира на мерење на вредноста што во некои случаи може да предизвика и нејзино намалување. Ако од вработениот се бара на секои 15 минути да поднесува репорт што точно работел, неговиот шеф, преку одвлекување на вниманието, ја намалува продуктивноста на вработениот.
Шефот контролира, а лидерот има доверба
Шефот има тенденција да ги контролира вработените за да биде во тек кој што прави. Ваквото однесување ја поткопува креативноста, продуктивноста и растот. Лидерот не практикува микроменаџмент, туку им верува на своите вработени и ги мотивира и тие да му веруваат на него.
Шефот командува, а лидерот слуша
Шефовите имаат тенденција да даваат наредби: тие од своите вработени бараат послушност и понизност. Од друга страна, лидерите секогаш го слушаат и ценат мислењето на другите. Шефот повеќе зборува отколку што слуша, а лидерот повеќе слуша отколку што зборува.
Шефот создава кругови на моќ, а лидерот кругови на влијание
Ако сакате да препознаете лидер, погледнете колку луѓе од надвор од неговата организациска хиерархија доаѓаат кај него за совет. Колку е поголем овој број, до толку е поверојатно да се работи за вистински лидер.
Шефот критикува, а лидерот охрабрува
Конструктивната критика е неопходна за да му помогнете на некој да се подобри. Но, ако на некој постојано му се кажува дека погрешно работи, тоа не само што ќе го обесхрабри, туку и ќе го натера да се откаже.
Шефот избира миленици, а лидерот воспоставува еднакви релации
Еднаквите односи помагаат да се осигура дека личните преференции не вегуваат во тимската динамика. Шефот кој избира миленици предизвикува стрес и напнатост кај останатите вработени. Лидерот се стреми да ги третира сите подеднакво.
Лидерот создава повеќе лидери
Примарната цел на секој лидер е да создаде повеќе лидери. Со инспирација и мотивирање на своите вработени, лидерите ја поставуваат рамката за вработените да растат, да ги подобрат своите вештини и еден ден да преземат лидерски улоги.