Додека милијардерот Ворен Бафет заработува седум пати повеќе од просечната плата во неговата компанија Беркшир Хатавеј, извршниот директор на Тесла, Елон Маск, е платен 40.668 пати повеќе од просечниот работник во овој производител на електрични автомобили.
Ова го покажуваат првите целосни годишни податоци откако Комисијата за хартии од вредност (SEC) побара од американските компании да објавуваат информации за платите на водечките луѓе. Станува збор за наследство од законот Дод – Франк кој се обидува да го регулира менаџерскиот доход по финансиската криза.
Како што вели Сара Андерсон, директор на Институтот за политички студии, ова отвора едно важно политичко прашање во САД имајќи предвид дека повеќето членови на Демократската и Републиканската партија сакаат да ги ограничат платите на водечките луѓе на компаниите. Податоците од минатата година за 100-те најголеми компании по остварени приходи која ги обработи компанијата Equilar покажуваат дека просечната плата на извршните директори била за 254 пати поголема од просечната плата на вработените.
Ова е значителен пораст во однос на претходната година, кога тој сооднос беше 235:1, но важно е да се знае дека оваа година третина од компаниите не објавија податоци за приходите на нивните лидери.
Од 100 директори, 11 заработуваат над 1000 пати повеќе од просечниот вработен
На врвот на листата се челниците на Oracle, Сафра Кац и Марк Хурд, кои минатата година заработиле по 108 милиони американски долари. Сепак, од компанијата објаснија дека се работи за “нетипична година“ со оглед на тоа што добиле и петходишен пакет со акции. Ако оваа анализа се прилагоди на тој факт, нивната плата би била во сооднос 282:1 наместо 1205:1.
Сакате да дознаете дали вашиот шеф ви дава фер плата? Споредете ја вашата плата со другите вработени на вашата позиција!