Основачот на Microsoft, Бил Гејтс, открива дека на почетокот на својата кариера бил многу строг шеф кој сакал да ги контролира своите вработени така што ги памтел броевите на нивните регистарски таблички за да знае кога доаѓаат и кога заминуваат од работа.
Гостувајќи во радио емисијата на BBC, Бил Гејтс зборувал за тоа каков шеф бил во 70-тите години од минатиот век, во времето кога неговата компанија била во развој и вработувала само "една дланка луѓе".
Познатиот бизнисмен и филантроп бил многу "тежок работодавец" на почетокот на кариерата, познат како некој со кого тешко се преговара и е многу строг, пренесува Daily Mail.
Милијардерот признал дека на почетокот на работата во "Microsoft" бил фанатик кога станувало збор за работата, што понекогаш, како што рекол, било лошо за работниците.
На сите им ги знаев броевите од регистарските таблички, па така можев само да фрлам поглед на паркингот и да видам кога доаѓаат, а кога заминуваат. На крајот морав малку да се релаксирам бидејќи компанијата порасна, признал Гејтс.
Зборувајќи за своето детство, 60-годишниот Американец признал дека бил проблематичен како тинејџер, поради што родителите го воделе на психијатар.
Родителите, како што вели, го научиле да му "враќа на општеството", па тој и неговата сопруга Мелинда денес одвојуваат дел од своето богатство за да помогнат во сиромашните делови во светот.
Неговиот татко бил успешен адвокат, а мајка му наставничка. Како дете, сакал да чита книги, посебно биографии, и размислувал да стане адвокат или научник, за да може да "решава тешки проблеми".
Во меѓувреме станал опседнат со компјутери, па минувал по пет часа дневно учејќи програмирање, поради што, како што навел, бегал од теретана за да го унапреди своето знаење.
Коосновачот на "Microsoft", Пол Ален, го запознал во училиште, а на 19 години ги напуштил студиите во Харвард за да отвори компанија.
До 1979. година, кога Гејтс имал 23 години, нивната компанија веќе заработувала 2,5 милиони долари годишно.