Кумановци повторно аплицираат за работно место во компаниите кои нудат и даваат поддршка на американската војска во Авганистан и Ирак. На официјалните страници на двете компании „Флуор“ и „КБР“ се бараат електричари, столари, водоводџии, работници во кујна, но и позиции во администрација. Платата за која конкурираат се движи од 2.000 до 8.000 долари во зависност од компанијата и позицијата. Последниве месеци по извесен период стагнација повторно има поголем број отворени места за кои конкурираат кумановци, најчесто оние кои претходно работеле. Процесот што мора да го поминат е сличен како и претходните години, се конкурира, се чека на повик, по што следува медицински преглед, тестови, обуки и кога се ќе заврши се склучува договор на една година.
Интересот за работа голем, искуствата позитивни
Небојша Кипријановски, повторно аплицира за работно место електричар. Тој во 2007 веќе работел во една од компаниите во Ирак.
– Станува збор за сериозни компании кои го ценат трудот, плаќаат одлично, единствено многу недостигаат семејството, децата и сопругата, вели Кипријановски.
Со парите што ги заработил го решил станбеното прашање, купил автомобил и дел заштедил. Размислувал да отвори дуќан, но се вратил 2009 година и тогаш не се осмелил да инвестира поради падот на економијата. Кипријановски вели дека во тој период кога се одлучил да замине имал солидни примања.
Една од работничките во овие компании, Сузана Андоновиќ, сега сопственик на кумановското радио „Бум“, пред десетина години заминала на работа во Авганистан. Единствената причина поради која аплицирала, тогаш со неполни 30 години и ги оставила двете малолетни деца и сопругот биле недоволните месечни финансиски средства за безгрижно живеење и покрај тоа што и двајцата сопружници работеле. Месечните примања во Авганистан беа одлични, за нив може само да се сонува во Македонија, вели Андоновиќ. Особено горда е на успехот што заеднички го постигнале со печалбарството со сопругот.
– Имаме свој стан, претходно живеевме под кирија, децата успеваме да ги изведеме на вистински пат, отворивме фирма. Но, секогаш се сеќавам на заминувањето од аеродромот, солзите кои ги прикривав со големите очила за сонце кога ме испраќаа децата. Не велам дека е полесно за кој било од родителите, но кога мајката ги остава децата срцето се кине на парчиња кои веќе не се составуваат, раскажува со измешани емоции, Андоновиќ.
И таа потенцира дека како работници биле многу почитувани од претпоставените. Секогаш добивале совети како да се заштитат, имале психолошка поддршка, строго се почитувал работникот во максимална мерка, патните трошоци им биле покриени од фирмата.
– Многу може да се научи од овие компании, дисциплината, одговорноста, се работи 12 часа има пауза за појадок, ручек. Минута прекувремено се доплаќа, постојано има обуки. Тоа искуство со сопругот го применуваме во нашата фирма. Иако е таква зона се чуствувате заштитено, вели Андоновиќ.
Кумановката додава дека пред да замине во Авганистан воопшто не помислувала дека ќе се раздели од децата, а и сега вели дека никогаш не се знае животот каде ќе те однесе, иако нагласува дека не размислува да се врати во овие компании.
– Никогаш не сум размислувала дека со тие пари ќе отвориме наша компанија. Се вративме во Македонија, се обидовме да најдеме работа и не успеваме, но сега во јули ќе славиме четири години од успешно постоење на радиото, изјави Андоновиќ.
И градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е еден од оние кои работеле за американската компанија „КБР“. Лично, како и останатите кумановци има позитивно искуство од работата во компанијата, за која како и претходните соговорници вели дека е многу професионална и се грижи за потребите на работниците. Вели дека работните задачи се секојдневни, а се склучуваат договори за работа во држави со повисок степен на ризик и останува на самостоен избор на апликантите. Финансиските приходи се многу високи, далеку повисоки од македонскиот просек, но и од земјите членки на ЕУ.
Нема официјални податоци колку лица заминале и колкав е приливот на средства
Официјални податоци колку лица заминале и се вратиле од Ирак, Авганистан, но и од други како што се Кувајт, Џибути, последниве 15-тина години, нема. Според одредени проценки на професорот и извршен директор во Академијата за банкарство и информатичка технологија, Синиша Наумоски, најголем број работници над 1400, ангажирала компанијата „Флуор“. Во двете компании и подизведувачите се претпоставува дека од почетокот на 2000 година до денес ангажирани биле околу 9.000 кумановци. Годишниот прилив на девизни средства од овие граѓани, изнесува нешто повеќе од 90 милиони евра.
– Една деценија Куманово е печалбарски град, со право може да се каже дека во овој град се внесени девизни приливи од странство (Ирак и Авганистан) околу 945.000.000 евра, вели во изјавата за МИА, професорот Наумоски.
Овој податок, тој го базира и на истражувањата направени согласно, тековните трансфери на лицата што заминуваат во странство кои се движат на нивото од 20-23 проценти од БДП и се во константен раст. Приватните трансфери растеа целиот период, дури и зголемена невработеност во развиените земји.
– Тие растеа за целиот период, достигнуваќи рекорден износ од околу или нешто повеќе од 1,8 милијарди евра (на ниво на цела Р. Македонија). Доколку направиме една паралела со странските директни инвестиции во текот на изминативе десет години, ќе се констатира дека приватните трансфери се околу пет пати поголеми, додава Наумоски.
И тој се согласува дека средствата заработени во овие компании се вложени во недвижнини, трговски објекти, автомобили, а малкумина успеале да развијат сериозен бизнис.
Градоначалникот Димитриевски смета дека согласно одредени проценки се инкасирани над милијарда и половина милион долари.
– Кумановци се многу поуспешни во делот на обезбедување на финансиски средства отколку цела Македонија, поминаа илјадници владини реклами, роуд шоуа и немаме таков бенефит, рече Димитриевски.
Отварање зона за домашни инвеститори
Димитриевски вели дека за да се привлечат домашните инвеститори, вклучително и оваа категорија граѓани потребно е да се стекне нивната доверба.
– Има предвидено отварање зона во Речица и Новине, но за нејзина изградба се потребни значителни финансии и се надевам на поддршка од Владата, рече Димитриевски.
Со него се согласува и Наумоски, кој вели дека во минатото токму кога имаше голем број печалбари од Куманово поради различните политички опции помеѓу централната и локалната власт, градот доста често бил маргинализиран.
– Јас сум на мислење дека сега е шанса за Куманово или со други зборови би рекол дека Р. Македонија му должи на градот. Оваа шанса за сите иматели на слободни парични средства од дијаспората мора да биде на повидок и искористена, вели Наумоски.
Тој предлага да се организираат заеднички конференции во соработка со Владата, општина Куманово и банкарските авторитети, особено од Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР), да се направи водич за мултиплицирање на „печалбарските“ пари.
Според Наумоски, битно е да се привлечат овие лица за да отпочнат бизниси, да се вклучат самите повратници, да се добие медиумска поддршка, да се развие претпримачкото размислување.
– Треба да се оттргне политизираноста на македонското општество, да се спроведе деполитизација во реалниот сектор како во општина Струмица. Вниманието да се стави на приватните компании и тие да бидат главни креатори на политиките во општината, според принципот: Успешна компанија добива поддршка од ЕЛС, без разлика од која опција доаѓа, да се усогласат законите, прописите и да се направи слободна економска зона која ќе биде ислучително наменета за лицата кои работат во Ирак и Авганистан, по принципот на слободната економска зона „Бунарџик”. За ваквата размисла, треба помош и од Владата, вели Наумоски.
Во овој период актуелно во јавноста беше идејата на Димитриевски да се изгради „парк на пријателство“ пред градскиот базен во Куманово, со кој ќе се одаде признание на поединци, компании, агенции, амбасади кои придонеле за развој на Куманово. Градоначалникот на Куманово вели дека компанијата „КБР“ и уште други се најголеми работодавци на кумановци и дека поради ваквите компании нема масовно отселување од Куманово за разлика од останатите градови од Македонија.
– Владата се обидува да го спречи заминувањето на младите, но овој проблем треба да го решава и општината со свој ангажман, и да најде начин како нашите граѓани да бидат вработени. Како градоначалник имам обврска, доколку сограѓаните аплицираат во странска компанија да се обидам да најдам форма како да им се заблагодариме на компаниите кои вработуваат за да истите им возвратат со пријателски третман, вели Димитриевски.
Бранот печалбари кој константно заминува во овие компании, но не со еднаков интензитет го заживеа градот последниве петнаесетина години. Средствата кои ги донесоа кумановците го подобрија и квалитетот на живеење и ја раздвижија локалната економија.
извор: libertas.mk