Дрес кодот во авио-компанијата Norwegian Air, чиј правилник содржи дури 22 страници, постигна слава од светски размери откако во јавноста протече информација дека стјуардесите кои работат за оваа компанија се приморани да носат високи потпетици додека се на работа. Од оваа обврска се ослободени само ако приложат „здравствено оправдување“ дека не се во состојба да бидат на високи потпетици. Покрај тоа, стјуардесите имаат обврска и на себе да имаат „задолжителна шминка“ која вклучува подлога, крем во боја или пудра, додека вештачки трепки се дозволени само ако не изгледаат „чудно“.
И машкиот дел од кабинскиот персонал не е поштеден од правила. Имено, на нив им е дозволено да користат пудра само во случаи кога треба да покријат некоја лузна или акни на лицето. Мора да имаат уредно исечени нокти, коса која не е подолга од јаката на кошулата и никако не смеат да имаат обетки или било каков накит.
Од компанијата тврдат дека нивниот правилник не се разликува многу од правилниците на другите авио- компании и дека за секоја ставка од истиот се консултирале со персоналот и пилотите и тие добро го прифатиле истиот.
Од друга страна постојат и авио-компании како Virgine Airlines на познатиот Richard Branson, кои објавија дека женскиот дел од персоналот веќе не мора да биде нашминкан и дека на стјуардесите ќе им биде дозволено да носат пантолони, наместо здолништа. Овој пример почнаа да го следат и други компании, како што е Air Lingus.