Конфликтите на работното место понекогаш се неминовни. Различни луѓе, мислења, гледишта, начини на работа… сето тоа во одредени моменти може да придонесе за несогласувања и кавги. Сепак, она што можеме да го направиме е да ги одбегнеме ваквите ситуации или доколку се случат да се обидеме да ги решиме на најдобар можен начин.
Бидете позитивни
Факт е дека позитивните луѓе многу подобро го поднесуваат стресот и предизвиците што животот им ги носи. Доколку сте ведри, насмеани и полни со елан за работа, многу помалку ќе бидете вовлечени во конфликти.
Одбегнувајте лични судири
Можеби тешко ќе можете да одбегнете одредени луѓе на работа, но затоа ќе се потрудите да не навлегувате во лични судири. Кавгите многу често се предизвикани и од сопствено незадоволство, дури 49%, велат истражувањата. Доколку некој ве замоли да заземете страна, оградете се од тоа со причина дека сакате да имате добри односи со сите колеги.
Достојна комуникација
Кон луѓето однесувајте онака како што сакате тие да се однесуваат кон вас. Тоа е одличен начин за да не бидете инволвирани во конфликт. Наместо да давате инструкции, побарајте соработка, прашајте ги како го поминале викендот и заблагодарете им се за помошта што ви ја дале за одредена задача или проект.
Разграничете ги важните работи
Трудете се воопшто да не ги забележувате ситните забелешки што не се важни. Некои луѓе едноставно имаат коментар за сè и сешто и сакаат да се расправаат. Бидете попаметни и не подлегнувајте на провокациите. Возвратете само тогаш кога ќе биде неопходно, но на смирен и интелигентен начин.