Без оглед на тоа дали во моментов барате работа или сте вработени, но сепак отворени за нови можности, една работа која не смеете да си ја дозволите е да престанете да се надградувате.
Времињата кога само работното (не) искуство и образование беа единствените критериуми за избор на вистинскиот кандидат се минато. Напротив, релативно високата стапка на невработеност во нашата земја на работодавците им овозможува да бираат помеѓу голем број на кандидати со речиси слични CV-а, па токму затоа е потребно многу повеќе од добра кратка биографија за да се дојде до посакуваната работа.
Едно истражување спроведено на работодавците покажа дека тие најмногу внимание посветуваат на кандидати кои ги поседуваат следните шест особини:
Самодоверба
Ако сте тргнале во потрага по работа со претпоставка дека помеѓу стотици кандидати нема шанси токму вие да бидете избрани, тогаш уште од старт сте осудени на неуспех. Ако сами не верувате во себе, зошто да ви верува вашиот потенцијален работодава?
Професионалност
Одредени ситуации во работата дозволуваат да бидете опуштени, но тоа мора претходно да се заслужи. Ако прв пат се појавувате пред некој работодавач, било да се работи за разговор за работа или прв работен ден, обрнете внимание да покажете почит кон своите соговорници и да бидете пристојно облечени.
Спремност за иновации
Во ерата на интернетот и достапноста на голем број информации, деловниот свет секојдневно се менува. Ако не сте подготвени да прифатите нови знаења и вештини, времето брзо ќе ве прегази и ќе бидете “надвор од мода“. За да не дојде до тоа, потребно е да бидете отворени за секаков вид на деловно усовршување.
Љубопитност
Љубопитните лица се делат во две групи: оние кои ги интересира што се случило и оние кои ги интересира што и зошто се случило. Работодавците ја преферираат втората група. Ако соодветно се внесете во деловните процеси на вашата компанија, тогаш ќе знаете како да реагирате доколку дојде до некаков застој.
Тимска работа
Во сериозните компании, тимот е секогаш над поединецот. Ако сте подготвени да им помогнете на другите членови на вашиот тим и да го поставите тимот над личните цели, тогаш сте идеален работник и добар ментор за нововработените. Придонесот на таквите карактери во целокупниот успех на бизнисот е огромен.
Самостојност
Ниту еден работодавач не сака засекогаш да остане “мајка и татко“ на своите вработени. Напротив, тие сакаат кандидати кои се свесни за своите деловни обврски, ги исполнуваат истите на адекватен начин и знаат што треба да работат без некој секојдневно да ги потсетува.