Министерството за економија ги објави јавните огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци и за сончеви термални колекторски системи.
За прозорци домаќинствата може да добијат до 50% од платената сума, но не повеќе од 25 илјади денари. Услов е прозорците да бидат купени и монтирани во периодот по денот на објавување на огласот (17 мај) до 30 јуни 2019.
Преку мерката за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, се надоместуваат до 30% од направените трошоци, но не повеќе од 15 илјади денари. За субвенциите може да аплицираат домаќинства кои купиле или вградиле сончеви колектори по денот на објавување на огласот (17 мај) до 30 јуни 2019 година.
Доделувањето на надоместот ќе се врши по принцип “прв дојден прв услужен“, се до искористување на предвидените средства за оваа намена.
Барања заедно со потребната документација, треба да се достават во затворен плик до Министерството за економија. Сите детали од огласите може да се погледнат на веб страната на Министерството.
Двете мерки се дел од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година.