Интернационалниот HR ден во Македонија беше одбележан со големата 11-та по ред меѓународна HR конференција во организација на МАЧР на која можеше да се слушнат презентации на предавачи од САД, Италија, Грција, Словенија, Словачка и Бугарија.
Еден од предавачите на конференцијата беше и Мирослав Дравецки од водечкиот портал за вработување во Словачка – Profesia.sk кој во соработка со Vrabotuvanje.com.mk во октомври 2018 година го започнаа најголемото истражување за плати во Македонија – www.mojaplata.mk.
Во својата презентација Make decisions based on data, not feeling Дравецки сподели корисни совети со македонските HR професионалци за тоа како да носат одлуки базирани на факти, наместо на чувства. Ви пренесуваме неколку клучни поенти од неговата презентација.
Трендови во HR индустријата
“Животот станува побрз“. Процесите започнуваат и завршуваат побрзо и голем дел од нив се автоматизирани. Тоа значи пократок период за привикнување на новото работно место (onboarding), нужност за нови дигитални алатки за користење на дневна база и поголема дигитална писменост и технолошки мајндсет. Во 20-от век зборувавме за оперативен HR, во првата деценија на 21-от век за стратешки HR, а денес зборуваме за HR базиран на податоци.
Како HR менаџерите одлучуваат за платите?
Дравецки пред македонската HR фела ги сподели и резултатите од едно истражување за употребата на податоци во процесот на одлучување за платите кое било спроведено во октомври 2018 година на испитаници во 361 компанија во Словачка, воглавно на HR професионалци (61%), членови на топ менаџментот (32%) и вработени во сектор за финансии (4%).
Што влијае на задоволството на вработените? Дури 67% од испитаниците сметаат дека најсилен фактор е платата, а веднаш потоа следат фактори како добар тим (55%), корпоративна култура (41%), финансиските бонуси (35%) и можностите за обука (15%).
Кое е најважното прашање за компаниите кога станува збор за платите? 74% од анкетираните сметаат дека тоа е задржувањето на вработените, за потоа да следи потребата од фер компензација (63%), атрактивноста на работодавачот (59%), повисок перформанс (46%) и оптимизирање на трошоците (40%).
Како менаџерите ги одредуваат платите? Околу 67% се изјасниле дека за тоа се консултираат со својот претпоставен. 63% од испитаниците рекле дека се потпираат на податоци со кои располага компанијата, а 33% се консултираат со секторот за HR. Само 23% од менаџерите користат податоци за плати од специјализирани извештаи.
Колку често се потпирате на истражувања за плати? Дури 41.8% велат дека тоа го прават често, 39.5% поретко, 2% ретко и 16.8% се изјасниле дека немаат потреба од тоа.
Кои фактори ги разгледуваат менаџерите кога ги анализираат платите? На прво место е работното искуство 68%, а потоа следат специфичните вештини (60%), регионот (56%), дејноста/индустријата (37%), познавањето на странски јазици (29%), степенот на образование (28%), сертификатите (21%), приходот на компанијата (18%), големината на компанијата (15%), возраста (10%), полот (1%) и други фактори (3%).
Што ги убедува менаџерите да инвестираат во надворешни податоци? Високи 83% одговориле дека сакаат аргументите да бидат на нивната страна. Понатаму, 57% сметаат дека тоа ќе им даде самодоверба во носењето одлуки. 51% од испитаниците сметаат дека тоа ќе им даде дополнителни информации за нивната работа, 31% сакаат да заштедат време и 5% се сигурни дека ќе заштедат пари.
Платите во Македонија
Имајќи го предвид фактот дека www.mojaplata.mk за само неколку месеци успеа да собере податоци за платите на дури 10.000 испитаници, Дравецки презентираше интересни бројки за движењето на платите во нашата земја.
Плата по региони: највисока е во Скопскиот регион (25.250 денари), а најниска во Пелагонискиот регион (20.000 денари).
Плата по ниво на позиција: најниска е за неквалификуваните работници (15.800 денари), а највисока е за вработените во топ менаџментот (50.000 денари).
Плата по големина на компанија: најниска е во малите компании до 10 вработени (20.000 денари), а највисока во големите компании со преку 1000 вработени (25.000 денари).
Плати по пол: најголема разлика постои во Бугарија (жените заработуваат 8.70% помалку од мажите), а најниска е во Македонија (жените заработуваат 4.50% помалку од мажите).