Стареењето на работната сила и предизвиците наспроти уникатните можности што ги носи демографската промена на населението беше тема на предавањето на Џорџ Павлидис во склоп на 11-тата меѓународна конференција за човечки ресурси која се одржа на 20-ти мај во DoubleTree by Hilton во Скопје.
Џорџ Павлидис е директор на програмите за постдипломски студии за невропсихологија во одделот за психологија на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ – Грција. Во моментов, Павлидис е член на научниот комитет и косопственик на 50plus Hellas – непрофитна невладина организација која се занимава со прашања од интерес на повозрасните лица. Тој е добитник на наградата за мобилност Сантандер (три пати), наградата Шефилд за додипломски студии, а за време на неговите додипломски и докторски студии е добитник на голем број стипендии и дипломи.
Демографски трендови
Предавањето на Павлидис беше отворено со презентирање на глобални статистички трендови од кои јасно може да се согледа стареењето на популацијата и на работната сила. Растот на очекуваното траење на животот при раѓање, падот на стапката на фертилитет во земјите од ЕУ и промената на старосната структура на населението се јасни показатели за доаѓањето на една од најзначајните општествени трансформации во 21-от век.
Предизвици
Како резултат на стареењето на популацијата и работната сила, Павлидис напомена дека модерните економии ќе се соочат со неколку предизвици:
Зголемување на товарот на работоспособното население
Ако во 1971 година најголемиот дел од населението се наоѓаше помеѓу 0 и 19 години, денес тоа е поинаку бидејќи најбројна е популацијата на возраст од 45 до 64 години. До 2030 година, се очекува доминантниот дел да биде од 64 до 79 години. Дополнително, ако во 2010 година во земјите од ЕУ односот вработен/пензионер беше 4:1 во 2060 година тој ќе биде само 2:1.
Промена на пензиските шеми и раст на потрошувачката во здравството
Втор момент со кој ќе се соочат националните економии е раст на трошоците за пензии и зголемување на државната потрошувачка во здравството. Овој тренд е веќе започнат бидејќи голем број земји од година во година го зголемуваат процентот од БДП наменет за здравство.
Појава на старосна дискриминација
Како резултат на стареењето на работната сила, Павлидис стравува од појава на старосна дискриминација поради тоа што се верува дека овој дел од популацијата е помалку флексибилен, помалку мотивиран, бавен, тежок за обучување, помалку адаптабилен, помалку продуктивен и помалку вешт.
Колку добро сме подготвени за иднината?
Павлидис презентираше и неколку интересни статистики од The 2018 Longer Working Careers Survey кои покажуваат колку навистина сме подготвени за иднината на работната сила:
- 80% од работодавачите гледаат на повозрасните вработени како круцијален фактор за успех;
- 54% од работодавачите веруваат дека загубата на таленти поради пензионирање ќе биде позначајно од кој било друг ризик кој му се заканува на пазарот на труд во текот на следните пет години;
- 50% од работодавачите очекуваат потешкотии во потрагата по помлади вработени со слични вештини и способности во текот на следните пет години; и
- 48% од работодавачите стравуваат од загуба на колективно организациско знаење.
Решенија
Осврнувајќи се повеќе на можностите отколку на пречките предизвикани од стареењето на работната сила, Павлидис во своето предавање понуди решенија кои може да доведат до хармонизирање на човечкиот капитал на постарите работници со краткорочните и долгорочните стратешки цели на компанијата, како и со спроведување на континуиран професионален развој на работното место.