Американецот Бред Кивел е прогласен за светски претриемач на годината од страна на мултинационалната ревизорска компанија “Ернст и Јанг“ и станува трет претприемач од САД што ја добива оваа титула во изминатите 19 години.
Бред Кивел е сериски претприемач, познат како коосновач на интернет страницата Groupon, како и основач на Uptake Technologies, компанија за производство на софтвер со вештачка интелигенција за индустриски капацитети.
Претприемачите не се прептриемачи бидејќи тоа е нешто што тие одлучуваат дека сакаат да го прават. Тие се претприемачи бидејќи тоа е она што тие мораат да го направат, рече Кивел во својот говор на свечената церемонија која се одржа во Монако.
Во рок од четири години од основањето на Uptake Technologies во 2014 година, Кивел успеа да изгради компанија за која вели дека сега вработува повеќе од 550 вработени и вреди околу 2 милијарди долари.
Инаку, идејата за основање на Uptake Technologies, Кивел ја добил откако летот на неговата ќерка бил одложен поради неисправност на авионот со кој таа требала да лета, а авиокомпанијата во моментот го немала потребниот дел кој требал да се замени. Софтверот на Uptake Technologies кој функционира на база на вештачка интелигенција ја анализира индустриската опрема за да предвиди потенцијален дефект, користејќи голема маса на податоци кои помагаат да се открие проблемот пред да се појави.
Тој, заедно со својата сопруга, ја основа фондацијата “Кивел“, чија основна цел е поддршка на социјални претприемачи. Во 2016 година, прептриемачот се обврза половина од своето богатство да го донира како финансиска поддршка на претприемачи.
Кивел е победник во конкуренција од 57 претприемачи од целиот свет.