Агенцијата за вработување на 19.06.2019 година објави јавен повик до работодавателите за вклучување во мерката Практиканство.
Се повикуваат заинтересираните работодавачи кои имаат потреба од ангажирање на невработени лица до 34 години евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование и кои немаат работно искуство согласно образованието да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, секој работен ден од 9:00 до 14:00 часот, стои во јавниот повик.
Кои работодавачи имаат право на учество
Право на учество имаат работодавачи кои се од приватен и од граѓански сектор; кои имаат најмалку едно вработено лице на неопределено време, најмалку 6 месеци пред аплицирањето, со исклучок на граѓански организации и работодавачи кои ќе ангажираат жени од ромската етничка заедница како практиканти; кои ги имаат подмирено сите обврски врз основа на исплатени плати и придонеси за задолжително социјално осигурување.
Секој кандидат кој ќе биде избран од страна на работодавачите по претходно извршено интервју, ќе биде финансиски поддржан од АВРСМ во износ од 9.000 денари месечно (со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход) за периодот за кој се извршува практичната работа.
Заинтересираните работодавачи за учество во мерката можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници.