Главниот оперативен директор на “Фејсбук“ силно се придржува до своето работно време и смета дека напуштањето на работното место навреме и овозможува да создаде рамнотежа помеѓу приватните и деловните обврски.
Во голем број стартапи, прекувремената работа се смета за доблест. Луѓето кои работат прекувремено и за време на викендите (без разлика дали се продуктивни) многу често се фалат со тоа сакајќи да ја истакнат важноста на својата работа и работната етика што тие ја поседуваат. Но, Шерил Сандберг, поранешна оперативна директорка во “Гугл“ и сегашна оперативна директорка во “Фејсбук“, јавно му се спротивставува на ова гледиште, а имајќи ја предвид нејзината функција, тоа е особено интересно.
Сандберг, всушност, се противи на стереотипот дека квалитетот на работата се мери преку бројот на прекувремени часови и работни викенди и гордо изјавува дека секој ден ја напушта својата канцеларија во 17:30, кога впрочем завршува нејзиното работно време.
Секој ден излегувам од канцеларија во 17:30 и се враќам дома за да вечерам со моите деца во 18:00. Тоа го правам откако имам деца. Така правев и во “Гугл“, а истото правило го почитувам и сега, но претходно немав храброст јавно да зборувам за тоа. Никогаш не го криев тоа, но не држев ниту говори за тоа, вели Сандберг.
Но, дури и за една успешна жена како Сандберг, која позади себе има врвни достигнувања, обелоденувањето на оваа информација во јавност претставувало голем предизвик: Сакав на сите да им покажам дека работев многу напорно, за денес да можам да работам така. Порано на работа доаѓав порано и останував до доцна, но сега кога заминувам во 17:30 имам многу поголема самодоверба и можам гласно да кажам: Еј! Па јас се исклучувам од работа во 17:30 часот.
Откако јавно прозборе за ова, Сандберг веројатно ќе биде инспирација за многумина кои размислувале да го сторат истото. Родителите кои работат прекувремено го прават тоа на штета на своето семејство: Децата кои поминуваат повеќе време со своите родители се поздрави, посреќни и подобри на училиште.
За жал, реалноста е поинаква
За многу мажи и жени кои работат во конкурентна средина, ова едноставно не е опција. Изјавата на еден директор во позната и успешна компанија нема да направи промена преку ноќ, но остава надеж дека голем број професионалци кои се наоѓаат на високи позиции, особено жени, ќе станат свесни за тоа како прекувремената работа сериозно ги погодува нивните семејства.
На крајот на краиштата, секогаш мора да постои рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот.
Работете паметно, а не напорно!