Платата не е се кога станува збор за вашата работа. Додека парите се уште важат за најсилен фактор за мотивација, нефинансиските бенефиции може да бидат подеднакво важни, а некогаш дури и поважни.
Постојат неколку работи за кои треба да преговарате на вашето работно место, а такви се флексибилното работно време, здравствени бенефиции, надомест за патни трошоци и едукација. Според една неодамнешна анкета на CareerBuilder, локацијата и бенефициската програма се рангирани повисоко од платата како фактори кои најмногу им значат на вработените.
Иако нефинансиските бенефиции нема да направат никаква промена на вашата банкарска сметка, нивната вредност е многу поголема од парите. Така на пример, флексибилното работно време е важно бидејќи ви дава слобода и време на располагање, или пак, здравствените бенефиции кои ви даваат сигурност и може да ви заштедат стотици евра за медицински сметки.
За да ги добиете овие придобивки, ќе треба да ги побарате. Како би требало да му постапите на разговорот зависи од тоа дали започнувате нова работа или се уште работите во вашата моментална компанија. Мишел Армер, директорка на одделот за човечки ресурси во CareerBuilder, споделува неколку совети за тоа како да преговарате за нефинансиските бенефиции:
На ново работно место
На разговорот треба да му пристапите откако компанијата официјално ќе ви понуди работа. Најлесно да се преговара за нефинансиските бенефиции, како што се флексибилно работно време или можност за работа од дома, е во периодот пред да го потпишете договорот за вработување. Ако компанијата одлучи дека навистина сака да ве вработи, имате навистина големи шанси да се прифатат вашите барања. Ако треба да дадете аргумент за тоа зошто токму тие бенефиции ви значат најмногу, кажете дека истите ги имате на вашето тековно работно место.
На тековно работно место
Најдобро време за преговарање за овие бенефиции на вашата тековна работа е кога се прави годишна евалуација или проверка на перформанси. Тоа е време кога вообичаено разговарате со вашиот надреден за се што сте направиле за компанијата, а тоа ќе ви помогне да ги зголемите своите шанси за да излезете како победник во преговорите.
Пред да се впуштите во преговори, бидете сигурни дека сте подготвени
Ако се работи за ново работно место, направете ја вашата домашна задача преку истражување на компанијата онлајн, за да добиете чувство за нејзината корпоративна култура и бенефициите кои таа им ги нуди на вработените. Исто така, може да се потпрете на интервјуто за работа со цел да добиете подобро чувство за политиките на компанијата.
За вашата моментална работа, најпрво треба да дознаете која е вистинската личност со која треба да зборувате за ова прашање. Тоа може да биде вашиот менаџер или претпоставен. Меѓутоа, бидете сигурни дека имате добри аргументи зошто барате нови бенефиции и како тие би ви биле од корист.
Армер, исто така, дава добар совет за задржување на вашите емоции во текот на овој процес.
Важно е да знаете дека некогаш може да се случи компанијата да ги одбие вашите барања, без тоа да биде поврзано со вас лично. Некои компании не дозволуваат никаква флексибилност бидејќи тоа е едноставно невозможно во нивната индустрија, вели таа.
Следниот пат кога ќе се најдете во преговори, освен за платата, запомнете дека треба да се изборите и за нефинансиските бенефиции.
Дознајте ја својата вистинска вредност на пазарот на трудот!