Од 23. до 26. јуни Лас Вегас беше домаќин на најголемата HR конференција во светот организирана од американското Здружение за управување со човечки ресурси. Централна тема на овогодинешната конференција беше “Создавање на подобри работни места“ и истата успеа да привлече голем број извршни директори, бизнис лидери, HR професионалци и истражувачи ширум светот. Со вас ги споделуваме 10-те најинтересни работи кои ги споделија говорниците на SHRM19.
Како до подобро работно место е прашање што треба да го интересира секој професионалец од областа на човечките ресурси. Токму затоа, 5 врвни спикери и околу 200 интернационални предавачи се собраа во Лас Вегас со цел да ги споделат своите погледи и инспиративни приказни кои ќе ни помогнат да го промениме и продлабочиме начиниот на размислување и разбирање на широкиот спектар на HR теми и проблеми со кои секојдневно се соочуваме на работното место.
Еве ги 10-те најинтересни работи кои ги споделија говорниците на SHRM19:
Подобро работно место за сите
Во своето главно обраќање на SHRM 2019, претстедателот и извршен директор на SHRM, Џони Ц. Тејлор Јуниор, сподели со присутните неколку приказни за тоа како пристапот до добри работни места може да го поврати достоинството, самопочитта, пазарните вештини и финансиската независност на работобарателите кои биле долго време исклучени од пазарот на трудот.
“За денешните работници, патот кон вработување е многу поразличен. За да се подобрат работните места, тој пат мора да биде достапен за повеќе луѓе“, вели тој.
Според него, за да се случи тоа, моменталната култура на работното место треба да се промени, а само нашата професија (HR) може да ја обликува брзата и непредвидлива иднина на работата во она што ќе го направи нашиот свет подобар.
Потребно ни е стратешко лидерство
На сесијата за стратешко HR планирање, Валери Груб порача дека разбирањето на начинот на размислување на извршниот директор во една организација е клучот за усогласување на човечките ресурси во рамките на компанијата.
“Начинот на размислување на вашиот директор може да го дознаете на многу едноставен начин. Доволно е да го прашате него или неа која книга ја чита во моментов и тоа ќе ви овозможи увид во нивниот начин на размислување“, советува таа.
Културата на доверба е суштинска
Ричард Фагерлин смета дека довербата треба да биде наменски дел од културата на секоја организација бидејќи со поголема доверба можат да се постигнат поголеми резултати.
“Довербата не е нешто што го заработувате. Тоа е нешто што го подарувате, а ако не сте подготвени да ја дадете, нема ни да ја добиете“, смета Фагерлин.
Четири вештини на смелиот лидер
Лидерите во различните организации, како што се малите стартапи, семејните бизниси, непрофитните организации, граѓански здруженија и Fortune 500 компании, имаат едно заедничко прашање: “Како да негувате храбри и смели лидери и како да ја вградите храброста како вредност во вашата култура?“.
Врз основа на 20-годишни истражувања, Д-р. Брен Браун го пронашла одговорот. Според неа, смелото лидерство е збир од четири сетови на вештини кои се 100% преносни, видливи и мерливи: справување со слабости, живеење на вредности, соочување со доверба и учење за раст.
Драмата на работното место си има своја цена
Вработените трошат речиси два и пол часа дневно справувајќи се со ситуации кои се поврзани со нечие его, нашата природна реакција на промени и други предизвикувачки ситуации. Оваа енергија, според Си Вејкмен, може да се конзервира и реинвестира со неколку промени во тоа како размислуваме, како водиме и како работиме.
Со користење на добри ментални процеси, можеме да го заобиколиме егото, да ја избегнеме драмата и да навлеземе во нашата природна состојба на иновации и соработка. Ова ни отвора бесконечни можности да создадеме едно сосема ново ниво на потенцијал за себе, како и резултат за целата организација.
Фидбекот е исклучително важен
Во својата презентација “Добриот, лошиот и грдиот: Создавање култура на фидбек“, Бред Карш – извршен директор и основач на JB Training Solutions, ни стави до знаење дека времињата кога фидбек се добиваше само за време на годишното оценување на работата се веќе минато.
Според него, работодавците треба да создадат работна средина во која нивните вработени ќе добиваат повратни информации на континуирана основа, а згора на тоа, денешната генерација го очекува тоа.
Одлучувајте врз основа на факти
Сесијата за “People Analytics“ со Џовани Евердуин од “The Ethnicity Group” се обиде да им долови на учесниците зошто е толку важно HR професионалците да бидат повеќе стратешки во користењето на податоци и бројки во процесот на донесување на одлуки.
“Ние добиваме поголем кредибилитет во рамките на нашите организации доколку користиме податоци за да им помогнеме на бизнисите да донесуваат одлуки кои ја подобруваат ефективноста, го зголемуваат профитот и ја движат компанијата во вистинскиот правец“, заклучи Џовани Евердуин.
Топ 10 трендови на работното место за 2019 година
Ден Швабел беше еден од нашите омилени спикери на овогодинешната конференција. Неговата сесија ја отвори со тоа како глобализацијата, автоматизацијата и новата економија влијаат на работното место.
Во неговото истражување беше вклучена и студија за тоа како вештачката интелигенција се користи за да се подобрат практиките за регрутирање, што преферираат вработените во својата работна околина и култура и кои се предизвиците и очекувањата на генерацијата Z на работното место.
Според Швабел, меките вештини се повредни од било кога; тие придонесуваат за градење култура на доверба со чија помош вработените се попродуктивни, а компанијата поуспешна.
Бидете повеќе од минувач
Дали вашите најблиски ги третирате на ист начин како што ги третирате вашите вработени? Дали сакате вашата сакана да биде третирана на ист начин како што вашите раководители, менаџери и директори ги третираат вашите вработени?
Две моќни прашања со кои беше отворена презентацијата на Глен Кремер “Shaping Hearts, Minds and Corporate Cultures: Effective Prevention Training in the #MeToo Era”.
Целокупната порака која се обиде да ја пренесе предавачот е: Бидете повеќе од обичен минувач, почнете да се занимавате со поставување на културата во вашата компанија.
Три прашања што треба да му ги поставите на секој кандидат
Целта на секој HR е да ги пронајде најдобрите кандидати за во својата организација. Карл Ахлрих ни открива три ефективни прашања кои треба да им се постават на сите кандидати со цел да ги пронајдете оние кандидати кои се соодветни за работата и да ги отфрлите апликантите кои не се усогласени со компаниската култура и самата работа. Тие три прашања се:
1. Која е првата работа што сте ја работеле за да заработите пари?
2. Што е најсмешното нешто што ви се случило на работа?
3. Дали сте среќни на вашето работно место?
Извор: SHRM.org