Фејсбук во вторникот ги обелодени своите нови цели за диверзитет на работната сила кои вклучуваат и напори за двојно зголемување на бројот на жени на глобално ниво во текот на следните пет години.
Најпознатата социјална мрежа во светот сака половина од нејзината работна сила во САД до 2024 година да биде составена од вработени кои доаѓаат од недоволно застапените групи.
За 5 години, Фејсбук ќе биде компанија во која најмалку педесет проценти од работната сила ќе биде составена од жени, припадници на малцински групи, луѓе со посебни потреби и воени ветерани, напиша на својот блог Максин Вилијамс, директор за диверзитет на работната сила во Фејсбук.
43 проценти од вработените во Фејсбук се од недоволно застапените групи
Компанијата ги објави своите нови цели заедно со годишниот извештај за диверзитет во кој е детално објаснета етничката и половата разновидност на работната сила. Вилијамс изјави дека постигнувањето на таргетот од 50 проценти е многу амбициозно со оглед на моменталните бројки кои покажуваат дека околу 43 проценти од вработените во Фејсбук се од недоволно застапени групи.
Фејсбук објави и дека 36.9 проценти од вработените се жени во споредба со минатата година кога нивната застапеност била 36.3 проценти. Афроамериканците и Латиноамериканците сега сочинуваат 9 проценти од работната сила во САД. Пред една година, нивната застапеност била 8.4 проценти. Според последните податоци од Блумберг, вкупниот број на вработени во Фејсбук до крајот на март изнесувал 38.000.
Компарирано со 2014 година, Фејсбук денес има 25 пати повеќе жени Афроамериканки, а бројот на Афроамериканци се зголемил за 10 проценти. Но, застапеноста на Афроамериканците и Латиноамериканците на техничките позиции во компанијата изнесува само 5 проценти што е за 1 процентен поен повеќе во однос на 2014 година.
Овие броеви покажуваат како големите технолошки компании се обидуваат да ја диверзифицираат работната сила – особено на техничките работни места во кои доминираат мажите.