Потребни се најмалку 30 конекции за да ја почуствувате вистинската моќ на LinkedIn. Дали вие се поврзувате со вистинските луѓе?
LinkedIn стаува сè попопуларен во светот, но и во Македонија. Најголемата социјална мрежа за професионалци има над 630 милиони корисници ширум светот, а дури 303 милиони корисници се активни секој месец. Со секоја помината секунда, на LinkedIn се креираат по два нови профили. Тоа создава огромна можност за професионалците кои знаат како најдобро да профитираат од поволностите кои ги нуди оваа платформа. Прочитајте кои пет конекции ви се потребни за да го добиете најдоброто од LinkedIn.
Луѓето во вашата мрежа кои се нарекуваат конекции можат да ви помогнат да запознаете нови луѓе, да ве препорачаат за некоја работа, да ви дадат бесплатен совет или да ве инспирираат да бидете подобри. Токму затоа градењето на вистинска професионална мрежа на LinkedIn е важно за вашата кариера. Па, со кого треба да се поврзете и зошто?
Врз основа на едно истражување спроведено од Fast Company, потребни ви се минимум 30 конекции за да ја почуствувате вистинската моќ на LinkedIn. Откако ќе ги направите првите 30 конекции, треба да почнете да добивате повеќе релевантни содржини и реакции на вашите објави кои може да ви отворат нови можности. Сепак, ова функционира само ако се поврзете со луѓе што ги знаете бидејќи на тој начин известувањата и информациите што стигаат до вас се релевантни.
Имајќи го тоа на ум, ова се петте типови на луѓе со кои треба да се поврзете и да градите врска на LinkedIn.
Пријатели и членови на семејството
Многу е важно да започнете со вашите најблиски пријатели и членови на семејството. Секако дека нив можете да ги повикате во било кое време доколку ви треба помош или совет, но имајќи ги во вашата професионална мрежа на LinkedIn вие ќе добиете увид во нивната професионална мрежа и обратно. Можеби вашиот татко го познава HR менаџерот во вашата компанија од соништата или пак вашиот пријател познава некој што се искачува по истата кариерна патека како вас, па ќе сака да ве поврзе. Тоа е моќта на силната професионална мрежа.
Поранешни соученици и алумнисти
Без разлика дали сте студент или неодамна сте дипломирале, поврзувањето со вашите колеги (сегашни или поранешни) е уште еден одличен начин да се изгради вашата професионална мрежа. Пронајдете луѓе со кои сте работеле на некој заеднички проект или сте студирале на иста студиска програма. Тие, исто така, гледаат напред кон својата кариера, така што ова е добра шанса да си помагате едни на други во потрагата по нови можности.
Сегашни и поранешни колеги
Луѓето со кои работиме се повеќе од наши соиграчи – тие ни помагаат во текот на денот, но исто така можат да ни помогнат и да напредуваме во нашата кариера. Најголемиот дел од денот го поминуваме со овие луѓе. Всушност, според една анкета на LinkedIn, дури 95% од вработените сметаат дека е добро да се има пријател на работа, а 63% велат дека се дружат со своите колеги и надвор од канцеларијата.
Сите ние голем дел од денот го поминуваме во интеракција со нашите колеги на работа. Но, односите може уште повеќе да се зајакнат со лајкување, коментирање и споделување на тоа што колегите го објавуваат онлајн.
Друга предност од поврзувањето со вашите колеги на LinkedIn е во тоа што ако некој ваш колега ја напушти компанијата (или ако вие дадете отказ), ќе биде полесно да останете во контакт на долг рок.
Поранешните колеги можат да ви послужат и како одлична референца за идните можности за вработување или пак да ви помогнат доколку се справувате со некој посериозен предизвик на работа или надвор од неа.
Познаници
Важно е да имате разновидна професионална мрежа во која ќе бидат вклучени и луѓе со различна професионална позадина кои работат на различни позиции и доаѓаат од различни индустрии. Ова може да изгледа како тешка задача бидејќи поголемиот дел од луѓето со кои комуницирате се или биле ваши колеги, но време е да размислите и надвор од работното место. Па следниот пат кога ќе бидете дел од некој фудбалски натпревар, волонтерска акција или слично, запомнете да ги дададете на LinkedIn луѓето кои сте ги запознале таму.
Луѓе на кои може да им помогнете
Вашата професионална мрежа не треба да биде составена само од луѓе кои можат да ви помогнат вас. Кога зборуваме за LinkedIn, станува збор за добивање и давање помош. Токму затоа, бидете сигурни дека ќе ги прифатите поканите за поврзување од луѓето кои бараат совет за нивната кариера што токму вие можете да го дадете. Запомнете дека помошта може да се врати тогаш кога најмалку ја очекувате.
Ова се само неколку од видовите на конекции што треба да ги имате на LinkedIn како одлично место за градење и негување на вашата професионална мрежа. Додека вашата кариера ја менува насоката и се развива, вашата мрежа е таму за да ви помогне. Колку е подобра вашата мрежа, до толку се поголеми бенефитите за сите.