Моментално 101.658 лица се евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, а најголемиот дел од нив, дури 52.795, се без образование или само со основно образование.
Последниот преглед на невработени лица кој Агенцијата за вработување го објави за состојбата на пазарот на труд на 30.06.2019 година покажува дека и натаму најголемиот број на невработени лица се наоѓаат во Скопје (17.737), а веднаш потоа следуваат Тетово (12.920) и Куманово (11.858).
Од друга страна, официјалните бројки покажуваат дека најмалку невработени има во Валандово (531), Виница (570) и Кратово (585).
Без работа и 21 доктор на науки
Анализирано по степен на образование, една половина од невработените (52.795) се без образование или со завршено основно образование, а нешто над 48% од нив се жени. Со завршено средно образование евидентирани се 25.360 невработени.
Дека факултетската диплома не е гаранција за вработување покажува и бројката од 9.567 лица со високо образование кои се моментално евидентирани како невработени.
Во Македонија, работа не можат да најдат 719 магистри, а како невработени се евидентирани и 21 доктор на науки.
Инаку, според последните податоци на Државниот завод за статистика, невработеноста во Македонија изнесува 17.8 проценти.