И покрај тоа што Законот за работни односи предвидува работната недела да трае 40 часови што би значело пет работни денови со работно време од 8 часа, голем број вработени од приватниот сектор работат за време на викендот.
Овој факт го потврдуваат и најновите податоци од Евростат за работа за време на викенд во европските земји.
Според тие податоци, од 2009 до 2018 година бројот на вработени кои работат во сабота е намален од 26.7 на 26.4 проценти.
Истиот тренд се случува и во Македонија каде што во 2009 година 53.6 проценти од вработените работеле во сабота, а во 2018 година тој процент е паднат на 44.9.
Анализирано по пол, минатата година дури 48.7 проценти од мажите работеле за време на викенд, за разлика од жените каде тој процент изнесува 39.2.
Поголем процент на вработени кои работат за време на викенд имаат само две земји: Турција (51.1%) и Црна Гора (55.4%). Најнизок процент во ЕУ има Унгарија (8.8%).