Google едноставно не може да одолее кога станува збор за иновациите на пазарот. Од друга страна, некој друг би го нарекол “монопол“, како што е случајот со алатката за пребарување на работни места Google Jobs.
Google е повторно под истрага на Европската Унија и поради тоа му се заканува нова милионска парична казна. Овој пат, станува збор за алатката за пребарување на работни места преку која милиони луѓе ширум светот секојдневно се информираат за огласи за вработување.
ЕУ ја започна истрагата како резултат на поплаките од 23 сајтови за барање работа кои се пожалиле дека Google ја користи својата позиција за да влијае на нивниот бизнис.
Имено, иако Google не наплаќа за својата услуга, конкурентите веруваат дека американската компанија работи на елиминирање на конкуренцијата по што би започнала со наплата на своите услуги.
Европската комесарка за заштита на конкуренцијата Маргарет Вестагер се прашува дали е правилно Google да има толку голема контрола над овие компании, а секогаш кога комесарот за конкуренција е загрижен, тоа е лоша вест за IT гигантот бидејќи досега компанијата плати вртоглави казни во износ од 8.5 милијарди евра.
Инаку, во моментов најголемиот интернет пребарувач им нуди бесплатна опција на компаниите да ги објавуваат своите огласи за работа на Google. Меѓутоа, Google Jobs не е веб страна за барање работа туку начин на поефикасно прикажување на работни места во органското пребарување.
На пример, ако една компанија ја поврзе својата деловна страница со Google, таа би имала подобри шанси да биде забележана од пребарувачите.
Огласувачите стравуваат дека ова може да влијае на корисниците да престанат да користат портали за барање работа. И во право се: Зошто би отвориле некоја веб страна ако Google ги има сите одговори?
Google тврди дека се грижи за фер конкуренција
Од компанијата велат дека веќе направиле одредени измени кои се во согласност со европските закони нудејќи им дополнителни можности на порталите за барање работа.
Освен тоа, од 2020 година, Европејците ќе можат да изберат кој прелистувач сакаат да го користат на своите Андроид уреди.
Со оглед на тоа дека Google е редовен клиент за казни за GDPR и монополски активности, големи се шансите најголемиот интернет пребарувач да биде казнет и за ова.