Успеавте! Го поминавте првото интервју и добивте повик за второ. Тоа значи дека компанијата е сериозно заинтересирана за вас и дека веќе сте во одредена предност во однос на останатите кандидати.
За ова интервју морате да се подготвите уште подобро. Како за почеток направете мала ретроспектива на претходното интервју и видете што сте пропуштиле да напоменете, било дали станува збор за вашето искуство или вештини.
БИДЕТЕ КОНКРЕТНИ
Кога ќе зборувате за вашите достигнувања секогаш бидете конкретни. Давајте специфични примери кои добро ќе ги прикажат вашите квалитети. Зборете за проектите на кои сте работеле, курсевите што сте ги посетувале, обуките на кои сте присуствувале како и моментите каде сте се истакнале во тимот.
БИДЕТЕ СПРЕМНИ ЗА ГРУПНО ИНТЕРВЈУ
Второто интервју најчесто значи дека ќе имате можност да се прикажете себеси во најдобро светло пред повеќе луѓе од компанијата. Кога ве интервјуираат повеќе луѓе најважно е да останете смирени и секогаш да имате директен контакт со лицето што моментално ви го поставува прашањето.
Запомнете дека ова интервју значи и дека морате да импресионирате повеќе луѓе. Сите тие ќе имаат удел во одлуката дали вие ќе станете дел од нивниот тим. Затоа, потрудете се на секој од нив да им посветите подеднаквно внимание при одговарањето на прашањата.
ЗАДРЖЕТЕ ГО ЕНТУЗИЈАЗМОТ
Второто интервју знае да биде долготраен процес кој може да влијае на вашата концентрација и енергија. Во овој процес ќе бидете постојано "под лупа".
Потребно е секој пат да оставите добар впечаток и да ја имате истата енергија и ентузијазам како при првото интервју. Иако тоа не секогаш е лесна задача, посебно кога треба да одговарате на исти или слични прашања на повеќе наврати, сепак потрудете се тие неколку часа да дадете се од себе.
Верувајте дека секој напор ќе ви биде награден, порано или подоцна. Нека ве води мислата дека ова е работата што долго време ја посакувате и бидете сигурени дека секое ваше вложување во себе е еден чекор поблиску до кариерата од вашите соништа.
Совет плус: Иако ова веројатно веќе сте го поминале пред првото интервју, запомнете дека секогаш е добра идеја да истражите уште подетално за компанијата од која сакате да бидете дел. Дознајте што е можно повеќе за нејзината мисија, цели и проекти.
Нема ништо подобро од тоа кога се гледа дека кандидатот се потрудил да дознае повеќе за фирмата во која аплицира.Тоа е уште еден доказ дека вие сте сериозно заинтересирани за позицијата.
Со среќа!