Сите граѓани кои скенираат фискални сметки и учествуваат во мерката „МојДДВ“ од 25 ноември ќе бидат учесници во наградната игра „МојДДВ Моја Награда“. Предвидени се награди на дневно ниво и 15 награди на месечно ниво и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични.
„Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето Наградната игра има и едукативни елементи кои ќе влијаат на финансиската писменост“, изјави министерката за финансии, Ангеловска.
Апликацијата мојДДВ има 200 илјади инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150 илјади активни корисници кои скенираат. Министерката потенцира дека на крајот на годината преку оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени три милиони евра за првите три месеци откако почната мерката.
„Граѓаните ќе добијат парични награди при скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот кој е гарантиран и кој изнесува 15 отсто од ДДВ на фискалната сметка. Повратот ќе продолжи и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија“, појасни министерката.