Едно од прашањата без кои не може да помине ниту едно интервју за работа е препознатливото: “Кажете ни нешто повеќе за себе?“
И покрај тоа што повеќето кандидати вообичаено започнуваат со “рецитирање“ на делови од своето CV или со посочување на некои важни достигнувања во нивната кариера, сепак се чини дека регрутерите и менаџерите за човечки ресурси преферираат да добијат нешто друго како одговор.
Барем така смета Гери Барнисон – директор на консултантската компанија “Корн Фери“ која им помага на другите компании да најдат талентирани соработници.
Јас сум директор на голема глобална компанија и имам направено илјадници интервјуа за работа. Но, најдобриот одговор што го добив на прашањето “Кажете ми нешто за себе“ е: “Се искачив на највисоката планина на секој континент, вклучувајќи го и врвот Монт Еверест“. Секој што не е импресиониран од таков одговор има нереално високи стандарди. Фактот дека оваа кандидатка постигнала неверојатен личен успех не е единствената работа што ја разликува од другите, вели Барнисон за CNBC.
Тој реши дополнително да разјасни зошто нејзиниот одговор е фантастичен и што се таа успеала да покаже со оваа едноставна реченица.
Најголемиот број од кандидатите кога ќе им се постави ова прашање одговараат со цитирање на делови од своето CV. За разлика од нив, оваа кандидатка сподели нешто што покажа која е всушност таа надвор од тоа што го открива нејзината кратка биографија: авантуристичка жена, љубопитна, насочена кон целта и дисциплинирана. Но, тоа не е се. Кога ја прашав што се поминувало низ нејзината глава додека се приближувала кон врвот на Монт Еверест, таа не филозофираше и не се пофали дека има направено нешто за кое другите само сонувале. Наместо тоа, таа се насмеа и одговори: “По ѓаволите, како ли ќе се симнам долу?“. Тоа ми покажа дека има смисла за хумор и веднаш знаев дека освен што е висококвалификуван кандидат, таа е личност што секој би посакал да ја има во својот тим, објаснува овој директор.
Тој, исто така, сподели и неколку совети како да имате успешно интервју и како на вообичаените прашања да одговорите на нестандарден начин:
Преземете личен ризик
“Кажете ни нешто повеќе за себе“ е покана за споделување на некоја кратка анегдота или лична информација која ќе му открие на соговорникот каква личност сте вие надвор од работата.
Опуштете се и покажете го најдоброто од себе
Секој од нас има нешто интересно да каже за себе и тоа несомнено треба да го истакнете. Ако информацијата што сакате да ја споделите покаже дека сте уникатни, а особено ако се однесува на вредностите кои се важни за вашата нова работа, не двоумете се и искористете го тоа.
Покажете ја вашата страст
Не се плашете да зборувате за вашата страст надвор од работата.
Бидете автентични
Една од најважните работи на интервју за работа е да ја покажете вашата автентичност. Затоа, опуштете се, бидете такви какви што навистина сте и зборувајте ја вистината.