Најновите официјални податоци покажуваат дека највисоки просечни плати имаат Словенија и Хрватска, а најниски се во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Според најновите податоци на словенечкиот завод за статистика, просечната месечна нето плата во земјата изнесува 1.114 евра. Истовремено, Словенија е единствената земја во регионот со просечна нето плата која го надминува “магичниот износ“ од 1.000 евра.
Просечната плата во Словенија е двојно поголема од просечните плати во скоро сите земји од балканскиот регион, со исклучок на Хрватска каде просечната месечна плата полека се приближува до износот од 900 евра.
После Словенија следи Хрватска, уште една земја членка на ЕУ, во која како што покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика за август, просечната плата изнесува 6.438 куни или 864 евра.
На трето место е Црна Гора каде просечната месечна заработка без даноци и придонеси во месец август изнесувала 517 евра.
Најниски просечни плати во регинот имаат Македонија, Србија и Босна и Херцеговина
Податоците на Агенцијата за статистика во БиХ покражуваат дека просечната нето плата во земјата во август 2019 година изнесувала 472 евра, што е нешто повеќе во однос на нејзиниот сосед Србија.
Официјалните бројки на Републичкиот завод за статистика во Србија покажуваат дека просечната нето плата во земјата во август 2019 година изнесувала 54.115 динари или 460 евра.
На самото дно на листата се наоѓа Македонија во која просечната нето плата изнесува 25.127 денари или 409 евра.