Поттикнати од аспирациите на македонските ИКТ компании да станат поконкурентни на европскиот и светскиот пазар, како и од прогресивни извозни волументи на ИКТ индустријата, ИКТ Комората МАСИТ денес ја одржа 16-тата конференција на темата “Data as an Asset”.
Конференцијата ја отвори г-ѓа Анета Антова Пешева, Претседател на УП на МАСИТ која во воведниот панел во рамки на своето обраќање изјави: “ИКТ индустријата е најбрзорастечка, самостојна, без никакви субвенции и помош, со млад кадар кој рамо до рамо се развива со светските трендови. Затоа предлагам, да ги слушнеме денес експертите од оваа широка област која ќе биде иднината на светот. Со ова уште еднаш ќе потврдиме дека навистина не сме само сервис на стопанството, како што не третираат со години, туку и дека ние сме ‘рбетот на стопанството и без нас економските процеси се невозможни. Кога ќе го разберат тоа креаторите на економските политики во државава, ќе тргнеме сите напред“.
Главна тема на конференцијата беа податоците и што се може компаниите да направат со нив доколку ги имаат на располагање во вистинско време. На панел дискусиите се говореше за Big Data & Analytics, Business Intelligence, Business analysis, Business Development, Machine Learning, Artificial Intelligence, Robotics, Smart Home и Internet of things.
На конференцијата присуствуваа повеќе од 200 претставници од домашните и странските ИКТ компании и компании од другите сектори, како и претставници од државните институции и министерства, претставници од донаторската и меѓународната дипломатска заедница, академски претставници од ИКТ научната област, медиуми и други.
Една од компаниите кои ја поддржаа овогодинешната конференција на МАСИТ е и Data Masters која успеа да ја донесе Џоана Карваљо од Португалија да говори на темата “Macedonian Data Driven Future“.