Барањето работа може да биде навистина стресен и макотрпен процес, особено кога постојат само неколку детали кои може да ве издвојат од останатите кандидати со слични квалификации. Но, една работа која со сигурност ќе ви даде предност и ќе ви го олесни тој процес е познавањето на странски јазици.
Презентирањето на одредени вештини, како што е познавањето на странски јазик, може значително да ве истакне во однос на другите кандидати кои аплицираат на истата позиција. Самиот факт дека зборувате повеќе јазици не само што ќе ви даде поголеми шанси за да ја добиете работата, туку и ќе ви помогне да испреговарате подобра плата и работно место.
Но сепак, важно е да знаете дека не сите јазици даваат поеднаков придонес за вашата кариера. Во оваа статија ќе се осврнеме на неколку странски јазици кои можат да го направат вашето CV попривлечно за работодавците и да ја поттикнат вашата кариера.
Кинески (мандарински) јазик
Мандаринскиот кинески јазик е најупотребуваниот мајчин јазик во светот бидејќи Кина е земја со најмногубројно население. Исто така, овој јазик се користи и во Хонг Конг, Тајван, Филипини, Монголија и Тајланд. Сите овие земји имаат огромен деловен потенцијал. Кина има најпросперитетен пазар и најголеми можности за странските работници. Но, за жал, кинескиот важи за еден од најкомплицираните јазици во светот и можеби ќе ви треба подолг временски период за да го совладате.
Шпански јазик
Шпанскиот јазик ја покрива Шпанија во Европа, цела Латинска Америка (освен Бразил) и голем дел од САД. Понатаму, се проценува дека населението кое го зборува овој јазик во САД ќе порасне за 50 проценти до 2050 година. Во моментов, во САД има голем број на мали и средни бизниси кои го користат шпанскиот јазик во својата деловна комуникација.
Што се однесува до другите 20 земји каде шпанскиот е мајчин јазик, можностите за вработување и партнерства се многубројни. На пример, Шпанија е позната по својата фармацевтска, автомобилска и земјоделска индустрија. Костарика има просперитетна туристичка индустрија, а исто така се наоѓа на самиот врв кога станува збор за електроника. Аргентина е лидер во производство на пијалоци и преработка на храна, а нафтата, рударството и тутунот се само некои од најголемите индустрии во Мексико.
Една од најголемите предности на овој странски јазик е тоа што е многу едноставен за совладување доколку го изучувате во земја каде секојдневно се зборува на шпански.
Руски јазик
Рускиот јазик е одличен за изучување доколку сте во областа на дипломатијата, но исто така е корисен и доколку вашата професија се наоѓа во областа на хемикалиите, петрохемикалиите, нафтениот и енергетскиот бизнис, земјоделството и градежништвото. Друг навистина важен поттик за совладување на рускиот јазик е тоа што Русите, без оглед на тоа колку се беспрекорни во бизнисот, ретко зборуваат англиски или кој било друг втор јазик. Ова може да ви даде голема предност во однос на останатите кандидати за работно место во компании што извезуваат во Русија или имаат деловни партнери во земјата. Сепак, и овој јазик е комплициран за учење па затоа ќе ви треба многу посветеност и работа за да успеете да го научите.
Јапонски јазик
Јапонија е една од најразвиените земји во светот, препознатлива по своите иновации во областа на роботиката и електрониката. Ако вашиот интерес е во овие полиња, би било добра идеја да научите јапонски јазик кој ќе ви помогне да ги искористите придобивките од нивната индустрија и да се поврзете со најголемите иноватори во областа. Јапонскиот јазик ќе ви отвори многу врати за партнерства во овие области и ќе им даде дополнителна причина на вашите потенцијални работодавци за да ве вработат. Но, пред да почнете со учење треба да знаете дека јапонскиот е втор најтежок јазик за учење, веднаш после кинески.
Германски јазик
Германија може да се пофали со најуспешната економија во Европа и таа е еден од најголемите извозници во светот. Германците се добро познати по врвното инженерство, особено кога станува збор за автомобили и машини. Тие, исто така, не заостануваат премногу во областа на биологијата, хемијата, финансиите и фармацевтската индустрија. Во светот, повеќе од 130 милиони луѓе го зборуваат овој јазик, а ако досега сте имале можност да соработувате со некој од Германија, сигурно сте забележале дека тие се многу професионални и дисциплинирани деловни луѓе. Дополнителен мотив за да го научите овој јазик е тоа што не е воопшто тежок за учење, особено за тие што веќе го знаат Англискиот јазик бидејќи тие два јазика се многу слични во однос на граматиката и вокабуларот.
Во зависност од вашата област на работа и вашите интереси, можете да изберете и други јазици, како што се францускиот, италијанскиот или арапскиот. Секако, англискиот јазик е задолжителен бидејќи е најкористениот јазик во светот и се користи речиси секаде.
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!