Хрватската влада ги прифати барањата на работодавците за либерализација на увозот на работна сила.
Од следната година, Хрватска целосно ќе го либерализира увозот на работна сила, а квотите за вработување на странски работници заминуваат во историја.
Во иднина, според моделот на вработување на странци во Словенија, работодавците прво ќе мораат да побараат работник во хрватскиот завод за вработување, а доколку не го најдат потребниот профил, ќе може да вработат кандидат од друга земја.
Либералниот модел за увоз на странска работна сила од земји надвор од ЕУ ќе биде регулирано со новиот Закон за странци кој ќе биде ставен на јавна расправа до крајот на ноември.
Сепак, бидејќи веројатноста новиот закон да се донесе до крајот на годинава е мала, владата ќе одлучува за привремена квота за вработување на странски работници за следната година.
Ова неофицијално го потврди и Министерството за труд и пензиски систем од каде очекуваат новиот модел за вработување на странски работници да стапи на сила од март 2020 година.
Како ќе изгледа новата процедура за вработување на работник од странство?
Барањето за дозвола за работа и престој ќе може да поднесе работодавачот или самиот државјанин на трета земја, како и агенциите за привремени вработувања кои имаат лиценца за отстапување на вработени.
За издавањето на дозволата ќе одлучува Министерството за внатрешни работи во зависност од местото на работа каде работникот планира да работи.
Министерството за внатрешни работи има рок од 10 дена да донесе решение за издавање на работна дозвола која се издава за времето кое е потребно за извршување на работата, односно времето за кое е склучен договорот за вработување, но најмногу до 1 година.
Но, сепак, работодавците не треба да очекуваат дека секое нивно барање за увоз на странски работник ќе биде прифатено бидејќи за секое барање ќе мора да приложат и позитивно мислење од Агенцијата за вработување.
Овој документ нема да биде потребен само за вработување на сезонски работници во земјоделскиот сектор кои ќе работат во Хрватска најмногу три месеци или 90 дена во текот на календарската година.
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!