Осумдесет и две илјади странски работници се очекува да бидат вработени во Хрватска следната година, пишува весникот “Вечерњи лист“
Хрватска се соочува со голем недостиг на работна сила, а од година во година бројот на слободни работни места е се поголем. За тоа говори и намалувањето на стапката на невработеност проследено со зголемување на квотите за странски работници кои во моментов претставуваат пет проценти од вкупниот број на вработени во земјата.
Во меѓувреме, во подготовка е нов закон за промена на начинот на вработување на странски работници, така што владата нема веќе да пропишува квоти, а дозволите за работа ќе се издаваат во зависност од состојбата на домашниот пазар.
Системот на квоти ќе функционира и во првите три месеци од 2020 година, се додека законот не ја помине собраниската процедура и државата се подготви да прифати странски работници по нови услови.
12 илјади компании поднеле барање за работни дозволи во 2019 година
Покрај донесувањето на новиот закон, се подготвува и одлука за квоти за 2020 година, според која во Хрватска следната година би можеле да работат 81.600 странски работници, од кои 25.000 со продолжени работни дозволи од 2019 година и 56.600 нови. Најголем број дозволи се предвидени во градежништвото (околу 24.000) и туризмот (околу 20.000).
“Вечерњи лист“ посочува дека странските работници во Хрватска ќе треба да работат под исти услови како и домашните. Од работничките синдикати стравуваат дека напливот на работна сила од странство може да предизвика стагнација или намалување на платите.
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!