Разговорот за покачување не е воопшто лесна работа, особено ако вашиот шеф е презафатен и нема време да забележи колку напорно работите и се трудите. Но, за среќа, постои решение!
Да бидеме реални: секој од нас работи и прави многу повеќе од тоа што е предвидено во описот на работното место. Токму затоа, легитимно и потполно оправдано е да побарате покачување секој пат кога ќе ги надминете целите поставени од вашиот претпоставен. Но, како да излезете како победник во преговорите за плата?
Кели Кофи знае како да заработи многу пари за својата компанија. Како извршен директор на американската банка JPMorgan Chase, таа успеала да ги зголеми приходите на компанијата за 10 проценти. Но и покрај тоа, Кели смета дека класичните преговори за плата несекогаш носат успех. Таа верува дека еден поинаков тактички пристап би можел да ви донесе повеќе придобивки.
Според неа, без разлика дали барате покачување или преговарате за нова работа, следната реченица ќе ви донесе поголем успех: “Мојата цел е да заработам X илјади денари. Што треба да направам за да го постигнам тоа?“ Таа е уверена дека ваквото прашање полесно може да доведе до покачување.
Зошто ова прашање е толку добро?
Со поставување на прашање на кое е можно да се одговори само со да или не, вие ја затворате вратата за понатамошни преговори. Ако добиете негативен одговор, нема каде да одите и разговорот е завршен. На овој начин нема да видите ништо од покачувањето, барем не во скоро време. Но, кога ќе поставите отворено прашање како што е прашањето на Кели, оставате простор за разговор и преговори со вашиот работодавач.
Неколку златни совети од Кели:
- Никогаш немојте да се потценувате себеси и секогаш вреди да се обидете;
- Ставете ги сите аргументи на маса и јасно наведете зошто барате покачување;
- Ако имате трема, запишете ги сите ваши аргументи на лист и побарајте средба со шефот; и
- Ако вашиот план не успее, обидете се да испреговарате некои алтернативни облици на награда како што се: можност порано да си одите од работа, слободни денови, користење на службен автомобил и сл.