Сигурно ви се има случено да се најдете во ситуација да мора да излезете, а батеријата на телефонот ви е речиси празна. Или сте заборавиле да го ставите уредот на полнење или полнењето не се вршело со доволна брзина за да стигне батеријата барем до одреден капацитет.
Со овие совети и идеи ќе можете да го извлечете максимумот од она време што ви останува на располагање за да ја наполните батеријата.
Користете оригинални адаптери и кабли
Батеријата на вашиот смартфон побрзо ќе се наполни ако користите адаптер и кабел од оригиналното пакување. Тоа ви е најдобро и најсигурно решение, а следно најдобро е барем да се од истиот бренд како вашиот смартфон.
Ако купувате нов полнач, обрнете внимание на амперажата. На вашиот полнач најверојатно пишува нешто слично на ова „5.0V->1A“. Еден ампер струја ќе биде доволен за повеќето смартфони. Ако полначот има повеќе ампери, побрзо ќе го наполните телефонот, ако има помалку, очекувајте полнењето да се одвива побавно. Имајте предвид дека ова е само генерално правило.
Оставете го телефонот на раат додека се полни батеријата
Телефонот побрзо ќе се наполни ако е исклучен, односно не троши струја за да фати Wi-Fi сигнал, да го вклучи почетниот екран или да лоцира GPS. Ако го оставите на раат, ќе нема што друго да прави, освен да се полни.
Активирајте ја опцијата Airplane mode
Во зависност од брендот и моделот на смартфон што го користите, оваа опција во менито може да биде наведена како Airplane mode, Aeroplane Mode, Flight Mode, Offline Mode или Standalone Mode. Важи истото како и во советот погоре – не го чепкате телефонот, побзо се полни батеријата. Дисплејот по правило е најголем потрошувач на батерија.
Активирајте штедлив режим на работење
Сите брендови и модели на смартфони ја немаат оваа опција, но ако ја имате – искористете ја. Опцијата Power Saving Mode не е подеднакво ефикасна за побрзо полнење како целосно исклучување на уредот или активирање Airplane Mode, но ќе ви користи ако сакате да ја полните батеријата, но истовремено ви е потребно да сте достапни за важен повик.
Исклучете сѐ што не е неопходно
Исклучете ги сите опции освен за телефонирање и намалете го светлото на дисплејот на минимална вредност. Први на листата треба да ви бидат Bluetooth, GPS, Wi-Fi и NFC. Паметно е во овој критичен период кога сакате да заштедите што е можно повеќе батерија, да го исклучите автоматското преземање на ажурирања на софтерот. Не треба да ве потсетуваме дека треба да се воздржите од непотребно чепкање низ телефонот.
Телефонот треба да биде на собна температура
Додека се полни батеријата на телефонот, уредот нека стои подалеку од извор на толина и материјали што задржуваат топлина, како волнени ткаенини. Не се препорачува да го полните телефонот оставен на перница, во џеб или во чанта. Исто така, ни многу ниски температури не се препорачливи кога го полните телефонот, а сте во „чкрипец“ со време.
Што да одбегнувате?
Ако треба набрзина да ја наполните батеријата на телефонот, не го поврзувајте на лаптоп. USB приклучоците по правило побавно полнат отколку мрежен приклучок. Исто така, во вакви ситуации не се потпирајте на бежично полнење, освен ако немате друга опција. Иако оваа технологија значително напредуваше во изминативе години, сепак заостанува во брзина во споредба со полнењето преку кабел.
Бонус совет:
Набавете квалитетна надворешна батерија
Надворешните батерии веќе не се луксуз, а одамна станаа лесно преносливи. Ако често се наоѓате во ситуација на неизвесност дали телефонот ќе „издржи“ уште еден разговор кога најмногу ви треба, инвестирајте во квалитетна надворешна батерија што ќе ја носите со вас.