Понекогаш е очигледно дека е време да пронајдете нова работа, но во одредени случаеви и не е така лесно да се препознаат знаците кои укажуваат на тоа. Секако, ако некој ви понуди значително подобра понуда, сигурно дека нема многу-многу да размислувате, но што ако нешто не “штима“ на вашето работно место?
Честопати се случува да постојат мали знаци на кои треба да обрнете внимание кога станува збор за задоволството од вашето работно место. Магазинот “Форбс“ посочува на три знаци кои покажуваат на тоа дека е време да започнете да барате нова работа:
Немотивираност
Ако самиот процес да се натерате да одите на работа е секојдневна борба, а досадувањето е главна активност која преовладува на работа, тогаш е време да барате нова работа. Дополнително, како знак на немотивираност, почнувате да се чувствувате мрзеливо, иако отсекогаш сте се сметале за вредна и проактивна личност. Доживувањето на овие работи од време на време е нормално, но доколку тоа се случува секој ден, време е да започнете да барате нешто ново.
Раздразливост
Сите имаме денови кога се будиме со лошо расположение и тоа расположение останува со нас во текот на целиот ден. Меѓутоа, ако тоа лошо расположение е вашата вообичаена состојба, време е да размислите за ново работно место. Раздразливост може да постои и дома, па затоа обрнете внимание на вашето расположение кога сте надвор од канцеларија. Па така, доколку откриете дека сте лути и фрустрирани во работно време, но и за време на викендите, тоа е сигурен знак дека вашата професионална активност има негативен ефект врз вас.
Постојан стрес
Стресот се манифестира на различни начини па затоа понекогаш е тешко веднаш да се забележи. Вообичаените знаци на стрес се: замор, болест, несоница и главоболки. Стресот се манифестира и преку низа физички активности, како што се: грицкање нокти, треперење на очите и појава на грчеви. Ако вашата работа станува многу стресна, запомнете дека промената е најздрава и најдобра опција. Во процесот на барање на нова работа, обидетете се да пронајдете начини како да го намалите нивото на стрес.