Ви пренесуваме Facebook статус на Jasna Soptrajanova кој нема да ве остави рамнодушни. Големо браво и поддршка за сите компании кои имаат ваква политика на вработување. Инклузијата е за секој ден, не само за деновите или месеците во кои се одбележува.
Утрово уште рано пазарував во големиот, првиот Рамстор. Застанав кај чаевите, од зад грб слушнав - Добро утро, може ли да ви помогнам?
- Барам еден чај од овие Dogandas, со цимет и каранфилче, ама не го гледам.
- Со цимет и каранфилче, ајде да погледнеме. Разни чаеви имаме, убави се сите, еве од кајсија, од липа, од камилица, од нане ... И од шипка имаме, сите се многу убави.
Златната, речиси детска ведрина со која зборуваше за чаевите ме наведе да помислам дека продавачот од кого дотогаш го гледав само ракавот од униформата е можеби лице со нетипичен развој. Ние типичните често едно правиме, за уште три работи се секираме или планираме, го гледаме часовникот како да е штоперица, и општо не сме толку тука во моментот, ја немаме таа толку славена, а толку далечна mindfulness, таа целосна присутност и предаденост на мигот и она што го доживуваме во моментот. Читаме за неа, велиме дека ќе пробаме и ние така, ама ај од утре, чекај само ова да дозавршиме.
Го најдовме чајот, останале само две кутии. „Ете го вашиот чај. Може ли да ви помогнам и нешто друго? И тој чај до него е многу убав“. Насмевката со која ми возврати кога му реков „Благодарам што ми помогнавте“ беше нешто најубаво што може да се замисли, цел ден ќе ме грее.
Но пак не бев сигурна околу типичноста или нетипичноста. Таа граница е тенка, можеби и вештачка. Сите ние кои се сметаме за типични сме можеле многу лесно да бидеме и нетипични, не само заради генетска поинаквост, туку и од бебешка жолтица, повреда во тек на раѓањето или по него, или од други причини. И тој ризик, или таа можност, не' следи до крајот на животот, покревки сме од што мислиме.
Прашав на главна каса, сакав да го пофалам, да напишам пофалба и да му ја пренесат.
Го фалам Филип (го прашав како се вика) како исклучително љубезен и исклучително стручен продавач, како посебен по тоа, не како лице со нетипичен развој. Кај полиците со конзерви ми ги раскажа сите производи, па дури и шарениот италијански грав од кој имаше само три конзерви на најниската полица и за кој дури ни јас, тхе гравољупката и радознало магаре да пробам се', до тој момент не знаев. А инаку Филип нов бил, неодамна вработен, па сепак знаеше се'.
Differently abled. ABLE, ептен able, способен, срдечен, продавач каков што може да се посака. Ќе прашам за празнициве кога е пак наутро на работа, ќе одам да видам заедно со него и какви други гравчиња (буквални или метафорични) не сум видела, гледајќи само она на што сум навикнала, на начин како што сум навикнала.
Пофалба за Ramstore Mall - Skopje за ваквата политика на вработување. Знам дека така вработува и Umbrella и кој уште? Ајде да ги пофалиме сите нив, да ги поттикнеме и другите да вработуваат така. Инклузијата е за секој ден, не само за деновите или месеците во кои се одбележува.
И истиов овој свет станува побогат кога ќе почнеме да го чувствуваме поинаку.
Обичниот свет станува посебен, кога во него има еднакво место и за посебните.
Ние од нив можеме да научиме многу.