
Една нова студија покажа дека зголемувањето на минималната саатница за 1 американски долар би спречило илјадници самоубиства секоја година, а доколку истата се зголеми за 2 долари би се спасиле дури 50.000 животи во период од 15 години.
Студијата е спроведена од истражувачи на Универзитетот Емори кои понатаму посочуваат дека дури 2% од невработените возрасни во САД се обиделе да си го одземат животот во 2017 година, наспроти 0.4% кои работат со полно работно време и 0.7% од хонорарните работници. Истражувачите сугерираат дека зголемувањето на платите ја намалува стапката на самоубиства уште повеќе кога невработеноста е поголема или економијата е во рецесија.
Во своето истражување, тие се фокусирале на помалкуобразованите возрасни лица кои имаат поголема веројатност да работат за минимална плата и истите се изложени на поголем ризик од депресија и самоубиствени тенденции. Инаку, студијата не сугерираше поврзаност помеѓу зголемувањето на минималната плата и стапката на самоубиства кај луѓето со повисоко образование.
Минималната саатница во САД на федерално ниво изнесува 7.25 долари, а околу 20% од работната сила секоја година се соочува со проблем поврзан со менталното здравје.
Стапката на самоубиства во САД е највисока во споредба со кој било период во последните 100 години.