Илјадници работници од Западен Балкан со нетрпение го исчекуваат 1 март кога во Германија ќе стапат новите правила за доселување на квалификувана работна сила
Новиот закон ќе ги прошири можностите за квалификувани професионалци надвор од ЕУ кои сакаат да работат во најсилната економија во Европа.
Правилото за Западен Балкан кое останува да важи до 31 декември 2020 година не го условуваше квалификуваното стручно образование или дипломата за високо образование, што е случај со новиот закон за миграција.
Имено, овој закон не се однесува само на лицата со универзитетска диплома, туку и на сите кои ќе успеат да се вработат на работно место кое одговара на нивните квалификации.
Она што е позитивно со новиот закон е укинувањето на критериумот според кој една компанија мора прво да се обиде да најде лице во Германија или во Европската унија, а дури потоа да вработи кандидат надвор од ЕУ.
Исто така, новост е тоа што кандидатите со квалификувано стручно образование (под квалификувано стручно образование се мисли на стручно образование за кое во Германија е утврден минимум период од две години), а не само со високо образование како што беше досега, ако имаат соодветно познавање на германскиот јазик и гаранција за издржување, ќе можат да дојдат во Германија на шест месеци за да бараат работа.
Околу 1.4 милиони слободни работни места во Германија
Најдефицитарни кадри во Германија се здравствените работници, лекарите, физиотерапевтите, медицинските сестри, ИТ професионалците, инженерите и занаетчиите во градежната индустрија, а потоа следат експертите за авијација, мехатроника, електротехника, енергетска технологија и многу други.
За сите што ќе бараат работа, важно е да знаат дека прво треба да се признае квалификацијата, а потоа да се побара виза. За квалификувана работна сила постара од 45 години треба да се достави и договор за работа со одредена минимална заработка или доказ за гарантирани финансиски средства за издржување.
Лицата на возраст до 25 години со завршено средно образование ќе можат да престојуваат во Германија максимум шест месеци за да можат да конкурираат за место за натамошно стручно усовршување, секако, доколку нивното образование им го дозволува тоа, добро го познаваат германскиот јазик (Б2) и ако имаат доволно финансиски средства за издржување.