Бесплатен јавен градски превоз и двојно поскапо паркирање на паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“ што ќе почне да се применува вечерва од 18 часот се итните мерки кои ги донесе Градот Скопје за да се намали загадувањето на воздухот. Освен ова, градските власти решија да ги запрат градежните работи на градилиштата кои се под нивната надлежност.
Мерките се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, односно над 175 μг/м3 на мерните станици во Карпош и во Лисиче.
Освен ова, интензивирана е и контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. ЈП „Комунална хигиена“ е задолжена да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари.
Се апелира до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Упатен е и повик во МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
Мерките ќе траат се до моментот на намалување на загадувањето.