Прв услов за кабински персонал: “Апликантите мора да имаат неприкосновено право да живеат и работат во ЕУ“
За да се вработите во “Рајанер“ неопходно е да бидете “вредна, флексибилна и пријатна личност“, и сето тоа е во ред, но наскоро британските државјани би можеле да не ги исполнуваат условите за да работат како кабински персонал во авиокомпанијата, а главна причина за тоа е Брегзит.
Имено, најголемата авиокомпанија во Европа во своите огласи за отворен ден за вработување кој на 22 февруари 2020 година ќе се одржи во Манчестер наведе дека се бараат “прилагодливи кандидати кои немаат проблем да работат во смени и уживаат во справување со јавноста притоа се способни да обезбедат одлична корисничка услуга“, а првиот услов е “апликантите да имаат неприкосновено право да живеат и работат во ЕУ“.
Сепак, од “Рајанер“ инсистираат на тоа дека британските државјани ќе имаат право да работат во компанијата без оглед на ограничувањата за нивните права за работа во ЕУ кои би можеле да произлезат од Брегзит.
Портпаролот на авиокомпанијата за “Индепендент“ изјави дека во моментов условот ќе остане да важи, но по завршувањето на транзицискиот период кој трае до 31 декември 2020 година, тој ќе се ревидира и промени.