Германската Влада во средата усвои нацрт закон за т.н. основна пензија со кој се зголемуваат пензиите на лицата кои и покрај долгогодишниот работен стаж и уплати во пензискиот фонд имаат ниски пензии.
За сојузниот министер за труд во Германија, Хубетус Хеил, ова е најверојатно најголемиот социјален проект во земјата бидејќи се очекува новата основна пензија да биде праведна.
Коалицискиот партнер од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и министер за внатрешни работи Хорст Сехофер изрази задоволство за нацрт законот.
Основната пензија е еден од најголемите проекти на четвртиот кабинет на канцеларката Ангела Меркел. Тоа е мерка со која ќе се подобри финансиската ситуација на пензионерите кои и покрај долгогодишниот работен стаж добиваат пониска од просечната пензија.
Вообичаено станува збор за лица со ниски квалификации или луѓе кои работеле скратено работно време.
Право на основна пензија би имале само тие пензионери кои во пензискиот фонд уплатувале најмалку 33 години.