Пандемијата Covid19, придружена со економската криза која неспорно ќе ја имаме во претстојниот период, отворија многу прашања и ја ставија светската економија пред огромен предизвик.
Малите бизниси во светот, кои беа приморани да ги затворат своите објекти на неколку недели, ги оптимизираат трошоците преку ограничување на набавките, но нивен најголем проблем е задржувањето на вработените.
Големите компании, авио компаниите, хотелските комплекси, бродовите за крстарење, светските синџири за брза храна, сите ланци на угостителски објекти прават стратегии да останат ликвидни, бараат помош од државните органи, ги охрабруваат своите вработени доброволно да аплицираат за неколку месечен неплатен одмор, со цел да не ги отпуштат, а да ги задржат за она што следи откако ќе се вратиме во нормала.
Во овој период на криза најважно е да ги заштитиме луѓето и нивното здравје. Заштитете ги максимално вашите вработени - тоа секогаш нека биде приоритет број 1. На нив останува да бидат совесни, одговорни и максимално да ги почитуваат мерките и препораките.
Но, важно е и да имаме стратегија и во оваа вонредна состојба, да останеме ОДГОВОРНИ.
Во време кога владее страв за личното здравје и за здравјето на нашите најблиски, секој бизнис лидер покрај оваа грижа има и огромен стрес плус... Како ќе се справи со последиците од кризата, како да ги заштити вработените, како да исплати плати во следниве месеци, како да ги покрие трошоците за време за ограничено работење или целосен прекин на работата на компанијата... овие и уште многу други прашања.
Сега е време да ги искористиме вештините за кризен менаџмент, но и да не го изгубиме фокусот на периодот кој следи после кризата и мислиме „што потоа?“.
КОМУНИЦИРАЈТЕ ЧЕСТО, ЈАСНО И ОТВОРЕНО
Погрешно е да претпоставите дека вашите вработени и заедницата надвор од компанијата имаат доволно информации и објаснувања за тоа како работите во вашата компанија се одвиваат во вакви услови.
Редовното споделување на ажурирани информации е од непроценливо значење. Во тој случај, не се троши време за дискутирање на нецелосни информации или, уште полошо, правење претпоставки. Сите компаниски ставови, мерки и политики за работа од дома, треба редовно да се соопштуваат и да им се објаснуваат за вработените. Важно е да бидете отворени и директни и да избегнувате испраќање нејасни пораки.
Бидете концизни и јасни и во комуникацијата со вашите добавувачи и клиенти, за да го намалите ширењето на погрешни информации и да спречите парализа на организацијата. Секој во компанијата треба да знае што да прави и како кризата може да влијае на бизнисот.
Покрај тоа, добро е и да назначите еден вработен или да оформите кризен-тим, со кој секој ќе може да се контактира, доколку има било какви прашања.
ПОКАЖЕТЕ ГРИЖА ЗА ВАШИОТ ТИМ
Понекогаш стравот нè прави да се чувствуваме немоќни. Вистинскиот лидер може и треба да им помогне на своите луѓе да се чувствуваат безбедни, преку зајакнување на заедницата. Како е можно ова кога се бара од луѓето да работат од дома, а на работните места се гледа како на најголема опасност?
Покажете му на вашиот тим дека нивната умствена благосостојба, здравје и безбедност се во вашиот фокус. Покрај тоа што ќе комуницирате факти и планови за подготвеност, не заборавајте да се справите и со „човечкиот данок“ што го носи кризата.
Испратете им утринска порака или видео на вработените. Дадете им до знаење дека се грижите и за нивното интелектуално и ментално здравје. Додека ги потсетувате да мијат раце и да не излегуваат надвор, потсетете ги и дека во овие моменти се важна поддршка еден на друг.
ОДРЖЕТЕ ГО ИМИЏОТ НА ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНА КОМПАНИЈА
Иако ви изгледа дека периодов е најважно „да се преживее“ на пазарот, сепак мора да гледате напред и да имате непосредна комуникација со заедницата. Користете медиуми (сопствени или надворешни) за да ја известувате јавноста за начинот на вашата работа, за мерките за заштита кои ги превземате, за промените во работното време, за придонесот кој го давате во справување со општата ситуација.
Вашите потенцијални вработени сега се дома и се жедни да прочитаат позитивна информација. Во време на хаос и паника, оставете впечаток на совесна, одговорна и стабилна компанија и бидете токму тоа!