Кризата претставува составен дел од животот. Нормално е бизнисот да поминува низ различни кризни периоди, а важно е од таквите ситуации да се извлече поука и да се подобри начинот на работа.
Ако вашата компанија во овие моменти е под (ин)директна закана од последиците од пандемијата на коронавирусот, тогаш овие совети би ви помогнале да ја одржите вашата екипа во “кондиција“.
Оптимизам и комуникација
Најважно е оптимизмот да не го напушти ниту лидерот ниту членовите на тимот, додека трае кризата. Комуникацијата треба да биде непосредна, да им влева на членовите доза на оптимизам, реална слика за случувањата и желба да се разговара со колегите за сите важни теми поврзани со работата, но и со актуелните случувања.
Поддршка и разбирање
Големината на еден лидер, сопственик на бизнис, претприемач, менаџер… е во тоа да покажува поддршка и разбирање за своите колеги во различни животни ситуации. Овие психолошки елементи се посебно важни во услови на криза, како што е новонастанатата ситуација со коронавирусот. Затоа, потребно е да се разговара отворено за оваа пандемија, да се даде меѓусебна поддршка, за да можат вработените да бидат мирни дека имаат на кого можат да се потпрат и да знаат дека нема да останат без работа во вакви турбулентни услови.
Покажете им благодарност
Вработените, освен што работат за плата, тие сакаат да чувствуваат дека му припаѓаат на колективот и придонесуваат за негово добро. Важно е да им се укаже благодарност и да се побара разбирање од нив. Доколку се соочите со некој финансиски предизвик, замолете ги за разбирање и пуштете ја платата во следниот момент кога ќе обезбедите финансиски средства. Кога ќе заврши оваа неблагодарна “бура“, најдете начин да им кажете дека ви се важни.
Здравјето како врвен приоритет
И покрај сите потешкотии што ги носи пандемијата од коронавирусот, може да се извлечат неколку важни животни поуки. Едната од нив е дека здравјето никогаш не смееме да го потценуваме и треба за да се грижиме за себе и за своите блиски. Освен тоа, важни се и хигиенските навики и грижата за семејството и блиските пријатели.