Конечно го најдовте работното место кое го посакувавте. Ви се погодија колегите, ви се допаѓаат работните задачи и имате задоволителна перформанса. Едноставно кажано - си го најдовте вашето место. Со оглед на редовните и сигурни примања, решивте да земете кредит, да уплатите патување, да реновирате по дома. Животот конечно почна да се одвива на начинот на кој го замислувавте и вашите планови веќе не се чинеа далечни. И тогаш, се случува COVID-19. Тоа е една невидливо чудовиште која успева да продре низ сите нас, да предизвика паника и се заканува да ги сруши сите наши планови.
Се јавуваат првите стравови:
Дали ќе бидам отпуштен? Ќе земам ли плата наредниот месец? Што е со кредитот кој треба да го отплатам – донесена ли е мерката за одложување на рокот за исплата или сепак е само предлог? Збунети сме, исплашени, несигруни. Меѓу колегите кружат информации за можни отпуштања, користење на годишни одмори, не знаеме на што да веруваме и овој хаос не’ става во грч.
Во актуелната ситуација на криза сите сме загрижени за своите работни места. Но, апсолутното предавање пред тој страв и стрес што го чувствувате во врска со вонредната ситуација не е најпаметната одлука. Сепак, постојат неколку чекори кои можете да ги превземете (или да ги размислите) со цел да се подготвите за сите можни сценарија кои може да се случат поврзани со вашето работно место и да се обидете да го извлечете максимумот од ситуацијата.
ПОНУДЕТЕ РЕШЕНИЕ НА КОМПАНИЈАТА
Можеби имате знаења и вештини или едноставно идеја како можете да помогнете на компанијата во периодот на криза. На пример: Иако сте спречени да работите на вашето вообичаено работно место поради состојбата, можете да понудите да помогнете во други аспекти на бизнисот, да направите истражување, да развиете маркетинг страна на компанијата – во зависност од знаењата и вештините.
Понудете да се договорите за компензацискиот пакет, покажете им на своите работодавци дека сте флексибилни и лојални на компанијата, оставете простор компанијата да знае дека сте подготвени да се борите за вашето работно место. Секој работодавец стравува за начинот на кој вработените ги прифаќаат промените кои компанијата ги носи. Покажете дека вие не се тие кои ќе направат напад врз компанијата, напротив прифатете ги промените и продолжете да работите со висок перформанс – на крајот на денот, ништо не трае вечно, кризата ќе заврши, а вие ќе останете запаметени како вистински лојален вработен.
ПОТРАГА ПО НОВА РАБОТА
Добивте отказ и секако дека првите неколку дена ќе ги поминете во неминовните емоции: шок, паника, гнев, страв и слични на нив. Тоа е нормален процес низ кој поминува една индивидуа кога сите планови се рушат и се јавува неизвесност. Но, не се задржувајте предолго на тоа место. Дури и во време на криза постојат индустрии и работодавачи кои бараат нови вработени и нудат добри услови. На следниот линк можете да ги погледнете сите нови огласи објавени на нашата страна, ние издвојуваме неколку:
ОПШТИ РАБОТНИЦИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО
МЕРЧЕНДАЈЗЕР за реон Тетово и Гостивар
РАБОТА ОНЛАЈН
Ако во моментов поради актуалната состојба работите од дома и тоа ви се допаѓа, имаме добра вест за вас – можете и надвор од вонредна состојба на работите на овој начин. Доколку не работите во моментов од дома, замислете го следното сценарио: Се будите кога вие сакате. Нема повеќе недоумици што да облечете денес за на работа, додека го пиете првото утринско кафе правите избор во кое катче од домот денес ќе работите, во кои работни саати. За време на пауза можете да вежбате, да ставите маска на лице додека работите, да готвите и што уште не. Работата од дома одеднаш не изгледа така лошо.
Наместо да паничите во овој период активирајте ги сите истражувачки капацитети кои ги имате во потрага по работа од дома. Доколку добро го владеете англискиот јазик, постојат неколку онлајн платформи за работа од дома кои може да ги искористите со цел да заработите. Најголемиот дел од нив функционираат на следниот принцип: Креирате ваш профил и пишувате кратка биографија (слично на CV) во која ги наведувате своите знаења, вештини и способности, проекти на кои сте работеле, работни места, итн. Потоа, дел од клиентите може директно да ви се обратат и да ви понудат работа на проект, а можете и самите да ги барате во делот на активни проекти. За старт најдобрата стратегија е да прифаќате мали и ниско платени проекти, но во што поголем број со цел да постигнете високи оценки на својот профил и да почнат клиентите сами да ве бараат. Постојат многу луѓе низ светот кои работат фриленс, ова е шанса да пробате и вие.
РАЗВИЕТЕ ИДЕЈА ЗА СВОЈ БИЗНИС
Сигурно познавате некој пријател кој води бизнис на Инстаграм. Социјалните мрежи во денешно време овозможуваат секој кој има некаков талент и добра идеја да има простор да заработи. Размислете кои уникатни вештини, знаења ги имате или вашата пасија и хоби кон одредена тема искористете ги како инспирација да почнете да креирате продукти или содржини за социјалните мрежи. Дури и да не поседувате некоја посебна вештина, истражете кои се успешни мали бизниси, што тие прават, што нудат како услуга на социјалните мрежи и движете го размислувањето во таа насока.
На крајот на кризата, можеби вашата работа сепак ќе остане стабилна или ќе се најдете на друго работно место, но ќе имате развиено (или барем зачеток на) онлајн бизнис кој може да биде дополнителен извор на приходи и нешто што ќе ви создаде сигурност во секое време.
автор: Анита Јанчевска