Естонија е можеби единствената земја која, како во економска, така и во социјална смисла, беше најдобро подготвена за пандемијата на коронавирусот.
Естонија е земја со релативно висок број на заразени со Ковид-19 (715 позитивни случаи според последните информации). Но, исто така, таа е земја во која нивото на паника од коронавирусот е најниско во цела Европа. Сигурно се прашувате како е можно?
По многу нешта, реакцијата на Естонија на епидемијата на коронавирусот не се разлика од реакцијата на повеќето европски земји. И таму ги затворија границите и училиштата, им наредија на продавниците, рестораните и кафулињата да затворат, а владата вети дека ќе покрие значителен дел од личните приходи изгубени во кризата. Исто така, имаше критики за недостаток на кохерентна стратегија за справување со кризата, вклучително и тестирање за Ковид-19.
И покрај сето тоа, повеќе од очигледно е дека Естонците сфатија една работа: тие не само што треба да се борат со пандемијата на коронавирусот туку треба да се подготват и за светот во кој ќе живееме кога сето ова ќе заврши.
Економијата е поврзана со технологијата, а владата е комплетно дигитализирана и повеќето услуги можат да бидат обезбедени по електронски пат. Практично е невозможно да се надмине Естонија кога станува збор за дигитализација.
Луѓето гласаат на интернет и користат дигитални рецепти за готвење. На само една картичка ставени се сите лични информации за секоја личност, вклучувајќи ги нејзините здравствени, даночни и полициски записи. Едно лице може да добие дозвола за престој преку интернет, што значи дека можете и да се преселите во земјата преку интернет.
Естонците велат дека личното присуство е потребно само во три случаи: брак, пренесување на имот и развод. Понекогаш е неопходно лично да се пријави раѓање на дете, но во моментов тоа е суспендирано поради коронавирусот.
Дури 95 проценти од домаќинстватасе поврзани со широкопојасен интернет, а образовниот систем е светски лидер според развојот и употребата на елетронските технологии. Со други зборови, луѓето во Естонија не мора да се прилагодуваат на ситуации кога е неопходно да работат, учат и купуваат од своите домови.
На 12 март, Естонија прогласи вонредна состојба. Следната вечер, две компании, во соработка со владата, одржаа 48 часовен состанок за да соберат идеи како да се реши кризата: “Hack The Crisis”. Пет идеи од иницијативата “Hack The Crisis” добија зелено светло и иницијален буџет од 5.000 евра за реализација, а најмалку двајца учесници предложија развој на апликација што ќе им овозможи на волонтерите полесно да се поврзат со лицата во неволја за време на итен случај.
Други предложија апликација за уреди кои ќе одговараат на опасни гестови, како што е на пример допирање на лицето. Исто така, тука е и идејата за програма за “ротација на работната сила”, односно размена на вработени помеѓу компаниите, така што вработените во туризмот би можеле привремено да се вработат во областа на е-трговијата. Таа идеја опфати промена на закони и правење на мрежна платформа за организирање на размената.
Следниот месец, вториот јавно-приватен конзорциум, во соработка со Европската комисија и една организација со седиште во Сингапур, ќе лансира онлајн акцелератор за кризни и пост-кризни проекти. На чело на проектот е сегашната естонска претседателка Керсти Каљулаид, која е првата жена и најмладата личност на таа функција во историјата на земјата.