160 лица кои пред 14 дена со хуманитарен лет беа вратени во земјава, вчера го напуштија државниот карантин. Денес се очекува да пристигне нов лет од Лондон!
Официјалната статистика покажува дека во државен карантин се наоѓаат уште 2099 лица, а денес треба да се реализира нов лет од Лондон до Скопје.
Министерството за надворешни работни веќе испрати информација до сите македонски граѓани во Обединетото Кралство кои планираат да се вратат во земјава со авионскиот превоз Лондон-Скопје организиран од Владата, да се пријават до 5-ти април, заклучно до 10 часот.
Летот Лондон-Скопје Владата го организира за денес (понеделник) во текот на попладневните часови.
Инаку граѓаните кои ќе се пријават на повикот, при влез на авионот потпишуваат договор меѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата одредена за авионскиот билет на сметка на Владата и пополнуваат изјава дека се согласни по пристигнување на територијата на нашата земја да бидат сместени во објектите за државен карантин во период од 14 дена.
Во текот на вчерашниот ден, Владата соопшти дека е завршен државниот карантин за 160 македонски граѓани, кои поминале 14 дена во строги безбедносно-здравствени услови во хотелот “Ибис” во Скопје и во депандансот во Демир Капија.
Досега во земјава се вратени вкупно 2.207 македонски државјани, покажуваат податоците на Министерството за надворешни работи кое го организира враќањето на наши граѓани затекнати во странство.