Во март и во првите денови од април над 20.000 вработени останале без работа
Во последниов месец во Агенцијата за вработување се одјавени над 20 илјади лица. Алсат дојде до листи на податоци кои покажуваат дека најмногу откази биле поделени во Скопје. Но, високи бројки за престанок на работен однос има и во останатите помали или поголеми градови низ земјава. Освен откази од работодавачи, листата содржи и податоци колку работници решиле да дадат отказ и да го напуштат работното место. Така, во Тетово, дури 90 лица за последниве два месеци решиле да дадат отказ.
Од Агенцијата за вработување се прогласија за ненадлежни за објавувањето на бројот на невработени. Велат дека во Агенцијата во изминатиот период нема значајни промени во реализираните пријави и одјави. За одговор не препратија во Државниот завод за статистика.
„Не се забележани поголеми промени во однос на бројот на евидентираните невработени лица. Притоа напоменуваме дека има повеќе основи за одјавување од задолжително социјално осигурување, меѓу кои остварување право на пензија, смрт, пререгистрација на субјектот, судска пресуда, ликвидација, разрешување, престанок на дејноста, мирување на работен однос по различни основи, спогодбен престанок на работен однос, отказ од страна на работникот, отказ од страна на работодавачот, отказ поради економски, технолошки и структурни промени, стечај, истек на определено време“, велат од Агенцијата за вработување.
Државниот завод за статистика ја продолжи играта „пинг – понг“ на Агенцијата за вработување. И од оваа државна институција добивме одговор дека не се надлежни и повторно не претпријатија одговори да бараме од Агенцијата за вработување.
„Државниот завод за статистика спроведува Анкета за работната сила од која произлегуваат статистички податоци за работната сила во државата, но тоа е анкетно истражување кое се спроведува на примерок. Оттаму и разликата во податоците меѓу Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување во однос на пазарот на труд во државата“, велат од Државниот завод за статистика.
Кризата со корона вирусот подолг период ги затвори сите угостителски објекти, а претставниците на овој сектор предупредуваа дека во прашање се повеќе од 20 илјади лица. И поголемиот дел од секторите кои нудат услуги за граѓаните тешко или воопшто не функционираат. Освен малите бизниси, поради заразени работници или поради превенција неколку фабрики од индустриските зони низ земјава ставија клуч на врата и неколку илјади вработени сега се дома.