Новинарот на Би-Би-Си, Рори Селан-Џоунс, се запраша како би изгледале нашите животи доколку денешната криза не погодеше пред 15 години, во период пред паметните телефони да станат популарни и кога ги немавме на располагање сите комуникациски и дигитални алатки коишто ги имаме денес.
Во само неколку денови, нашите животи се променија радикално и наместо да одиме на работа, на факултет или да шетаме низ град, времето го поминуваме затворени во четири ѕидови.
Надвор излегуваме само за да одиме до продавница, а сите оние кои до вчера се бореа за повисоки плати, денес треба да бидат среќни само доколку останат на работа, дури и за минимална плата.
Но, и покрај сето ова и фактот дека повеќето компании ги затворија своите канцеларии, исто како што се затворени градинките и училиштата, луѓето се уште работат додека наставата и натаму се одвива.
Се разбира, ова не се идеални услови, продуктивноста и ефикасноста се на ниско ниво, но децата сепак слушаат настава додека во позадина нивните родители работат – или барем се обидуваат да работат.
Новинарот на Би-Би-Си, Рори Селан- Џоунс, прашувајќи се како би изгледале нашите животи доколку пандемијата се случеше 15 години порано, во период кога не постоеја паметни телефони, ни ја долови реалноста која би се случувала во тоа време.
На пример, Фејсбук во тоа време беше на самиот почеток и беше ограничен само на студентската популација, а платформите како WhatsApp и Instagram не ни постоеја, додека YouTube беше во зачеток. Исто така, една од апликациите без која луѓето немаше да можат денес да работат и да имаат состаноци од своите домови, Zoom, се уште не беше во план.
Но, дури и ако Skype во тоа време би се прилагодил и би овозможил опција за видео повици, проблем би била брзината на интернетот поради тоа што голем број на луѓе сурфаа преку dial-up, а видео повици на таа брзина се невозможна мисија.
Не само што не постоеше инфраструктура за работа од дома каква што ја имаме денес, туку и невозможно би било да се одржи наставата онлајн поради тоа што тогаш не беше возможно наставниците да снимаат и стримаат онлајн. Едно решение што можеби го паметат тие што биле деца во раните деведесетти е наставата преку радио, но овој вид на образование не може да се спореди со онлајн и ТВ емисиите во 2020 година.
Може да се наведат и низа други работи што ни го олеснуваат животот денес, а не постоеле пред 15 години, како што се на пример стриминг сервисите како Нетфликс, е-книгите кои ни се достапни со еден клик, можноста да се нарача храна преку апликација и слично.
Според новинарот на Би-Би-Си поентата на овој текст е дека иако ова не треба да се смета за никаква утеха, сепак треба да бидеме среќни што ваквата пандемија на се случи 15 години порано кога немавме вакви можности за комуникација, работа од дома, следење на настава преку интернет и слично.