Ако одговорот на корона кризата е стратешки и плански – помеѓу бизнис секторот, инвеститорите и државата, сметам дека има можност да излеземе посилни после кризата, вели Виктор Мизо од Костал во интервју за Независен
Германската компанија Костал која има 650 вработени во својата фабрика во Македонија нема да отпушти ниту еден работник како резултат на корона кризата. Тоа го вели Виктор Мизо кој во интервју за Независен се осврна на последиците врз автомобилската индустрија, економските мерки на Владата, но и консеквенците од кризата врз странските инвестиции во земјава, вклучувајќи ја и компанијата Костал.
Според Мизо, автомобилската индустрија прва ги почуствува последиците од коронавирусот, уште кога епидемијата почна да се шири во Кина, а најверојатно ќе биде последната која ќе излезе од оваа криза, имајќи предвид дека сега се погодени фабриките во САД и во Европа. Причината е нарушениот синџир на снабдување, од кој дел се и компаниите кои работат во Македонија.
На прашање дали е доведено во прашање работењето на странските инвестиции во Македонија и какви се нивните перспективи, Виктор Мизо вели дека состојбата се уште не е безизлезна, но трендот секако не е позитивен. Продажбата на автомобили во 2019 и така беше намалена, а застојот во глобалната автомобилска индустрија е евидентен.
Во случајот на „Костал“ и други компании во Македонија кои произведуваат електроника и зависат од компоненти произведени во Кина, првичните штети почнавме да ги чувствуваме уште пред 11 недели. Дополнителните логистички трошоци, како и затворањето на голем број кинески фабрики, беа предизвик да се одржи производството за да не ги застанеме нашите клиенти во Европа. Истовремено, од февруари беше прекинато нашето производство за клиентите во Кина. Во февруари имавме намалување на производството од околу 20 отсто споредено со овогодишниот план, а веќе во март намалувањето беше речиси 50 отсто од планираното. Кризата од здравствена полека, но сигурно на глобално ниво се прелева во економска со долгосежни последици, вели Мизо.
Како корона кризата се одразува врз работењето на “Костал” во Македонија?
“Интересно е дека во изминативе три недели го рестартиравме производството за Кина. Имаме искористеност од околу 10 отсто од нашиот капацитет, но го користиме овој период за обука, тренинг и за подобрување на вештините на вработените со цел подготвени да се соочиме со претстојните предизвици. Освен што го намаливме работното време на две скратени смени, а од денес, со новите порестриктивни мерки и само во една смена, работиме и на доадаптација на нашите погони за новите проекти кои доаѓаат во Охрид – полначи (On-Board-Charger) за електрични возила, кој е најсофистицираниот производ во лепезата на производи на „Костал“ групацијата на глобално ниво, како и нови проекти од електроника и мехатроника за електронски – автоматски менувачи (shift-by-wire) за „Ауди“, „Јагуар“ и „Ленд ровер“. Според проекциите засега, влијанието на кризата за оваа година се очекува да биде пад од над 30 отсто од планираниот приход. Но, оваа бројка може дополнително да варира зависно од должината на здравствената криза, како и резултатите од глобалните фискални мерки за поддршка на економиите, пред сѐ во Западна Европа и во САД, вели Виктор Мизо за Независен.
Целиот овој период „Костал Македонија“ во целост ги почитуваше препораките и мерките на Владата, во поглед на ослободување на вработените по различни основи, дезинфицирање на работните простории, набавка на дополнителна заштитна опрема за вработените. Презедовме технички мерки за адаптација и работа од дома, прераспределба на работно време, реорганизација на превозот, одржување на состаноци исклучиво онлајн, а со цел намалување на здравствениот ризик по вработените. Сето ова се сериозни расходни ставки за нас како компанија кои претходно не можеше да се предвидат и да се планираат.
Некои од фирмите како реакција на кризата ги отпуштија вработените. Како Костал гледа на ваквите постапки и дали е тоа оправдано?
Не навлегувајќи во сите поединечни причини за отпуштање на вработените, генерално сметам дека станува збор за краткорочна стратегија, која не му носи ништо добро ниту на трудот, ниту на капиталот, а во крајна линија нема ништо заедничко со определбите за солидарност и меѓусебна лојалност. Што после завршувањето на кризата? Дали компаниите кои отпуштиле вработени, или значително го намалиле нивниот број, ќе можат да сметаат на вработените кои биле отпуштени уште при првите налети на кризата?! Мое мислење е дека општиот впечаток кон таквите компании ќе биде негативен и тие компании нема да можат да сметаат на нивниот брендинг како работодавач што го имале пред кризата, т.е. тој во голема мерка ќе биде нарушен. Во продолжение на одговорот кон ова прашање, ќе го споделам со вас позитивниот пример на „Костал Македонија“, која во услови на намалени приходи, забавувањето на производниот процес го искористи за натамошно усовршување на вработените, во насока на подобрување на техничките знаења, но и т.н. меки вештини. Не е отпуштен ниту еден вработен. Дури, од 1 април имаме шест нови вработени, дел се инженери, дел се планери за логистика. Мерките донесени од Владата се почитуваат во целост, а често, на сопствен трошок одиме и над тоа, а сѐ во името на здравјето и благосостојбата на нашите вработени. Сево ова во својата севкупност го сметаме како влог во иднината, бидејќи на таков начин не само што ги подобруваме, прошируваме и облагородуваме капацитетите на нашите човечки ресурси, туку работиме и на зајакнување на меѓусебната лојалност на компанијата и нејзините вработени.
Може ли Македонија да извлече некаква поука од кризата?
Многу е важно како Македонија како држава ќе изигра во овој кризен момент. Тука се присутни неколку фактори. Пред сѐ, какви ќе се мерките за поддршка на компаниите и дали се поконкурентни споредено со нашите конкуренти за инвестиции – во Источна Европа и во Северна Африка. Ова од причина што мајките фирми на постоечките инвеститори кај нас, кои веќе имаат по неколку локации во овие региони, ќе споредат која држава во каков обем помогнала и ќе го користат тоа како еден од критериумите во одлучувањето за консолидација и реалокација на постоечкото производство во Европа. Дополнително, кризата ќе доведе до поголема регионализација и лоцирање на производство во регионот/континентот за кој е наменето. Тука ќе се пресудни расположливата работна сила, вештините на луѓето, идната поддршка за реинвестиции или нови инвестиции, како и бизнис климата.
Имајќи предвид дека економската криза во Европа и во САД ќе предизвика губење на работна места и потенцијално враќање на дел од нашите луѓе кои се иселиле таму во последните неколку години, ќе имаме предизвик да ги привлечеме и задржиме, посебно обучените и веќе искусни кадри, со содветни услови –поконкурентна плата, менаџерски и лидерски позиции. На крај, а не помалку важно, ќе е и нашата конкурентност – тука би предложил итно усогласување на царинските стапки на репроматеријалите за автомобилската индустрија што доаѓаат од неевропски земји (претежно од Азија) со стапките кои постојат во ЕУ, за да можеме на рамноправно ниво да се бориме со земјите-конкуренти. Ако сето ова е направено стратешки и плански – помеѓу бизнис секторот, инвеститорите и државата, сметам дека има можност да излеземе посилни после кризата.
Целото интервју прочитајте го на линкот.