Како земја која нема ниту еден смртен случај, а бројот на заразени се сведе на неколку стотици луѓе, Виетнам доби пофалби од Светската здравствена организација и може да послужи како пример за земја која успеа да спречи пандемија.
И покрај тоа што граничи со Кина, Виетнам со рани и одлучни мерки како што се раширено тестирање и строг карантин како и социјално единство досега избегнува ситуација во каква коронавирусот ги донесе Европа и САД.
Според бројачот на универзитетот Џон Хопкинс во Виетнам има 262 заразени, во земја во која има повеќе од 95 милиони жители.
Официјалните статистики покажуваат во моментов во Виетнам во карантин или изолација се ставени 75.000 луѓе. Државата досега има спроведено повеќе од 121.000 тестови.
Клучот е во навременото дејствување
Во оваа комунистичка земја во југоисточна Азија во моментов нема починати од ковид-19, а стапката на инфекција е значително пониска отколку во поразвиените Јужна Кореја, Сингапур, па дури и Тајван - држави кои се пофалени за нивниот одговор на кризата.
Кидонг Парк, претставник на СЗО за Виетнам, верува дека за нивниот успех клучно било раното делување.
Виетнам на пандемијата одговори рано и проактивно. Нивната прва вежба за проценка на ризикот се случи на почетокот на јануари, набргу откако беа пријавени првите случаи во Кина, рече Парк.
Државата брзо го формираше Националниот управен комитет за превенција и контрола на ковид-19, додава Парк.
Пролетна офанзива
Иако со мал број потврдени случаи, Виетнам на 1 април ја стави целата земја во карантин, многу побрзо и порешително отколку Велика Британија и Италија, што тоа го сторија дури откако нивниот број на заразени почна да се мери во илјадници.
Владите ширум светот воведуваат карантини за подобро да се справат со постојната епидемија. Виетнам тоа го стори за да спречи национална криза која може да се избегне.
Голем дел од успехот на Виетнам може да се припише на нивното социјално единство.
Генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам Нгујен Ксуан Фук неодамна ја прогласи борбата против заразата за „пролетна општа офанзива 2020“, намерна референца на клучната „Тет офанзива“ од 1968 година, започната од страна на Виет Конг (или Националниот ослободителен фронт на Јужен Виетнам) за време на Виетнамската војна што резултираше со повлекување на американската војска.